Connect with us

Технологија

„Џемини“ како целосна замена за „Гугл асистент“

По девет години, „Гугл“ укинува една од своите најпрепознатливи услуги. Се работи за „Гугл асистент“ (Google Assistant) којшто ќе почне да се отстранува од „Андроид“ уредите на почетокот на следната година. Ова е дел од планот на „Гугл“ да го замени гласовно активираниот асистент со својата понова и помоќна вештачка интелигенција – „Џемини“ (Gemini). Во март оваа година, компанијата потврди дека „Гугл асистент“ ќе биде надграден т.е. фактички заменет, објави „Сан“ (The Sun).

„Подоцна оваа година, класичниот ‘Гугл асистент’ повеќе нема да биде достапен на повеќето мобилни уреди или достапен за нови преземања во продавниците за апликации. Покрај тоа, ќе ги надградуваме таблетите, автомобилите и уредите што се поврзуваат со Вашиот телефон, како што се слушалките и часовниците, на ‘Џемини’. Исто така, носиме ново искуство, поддржано од ‘Џемини’, на домашните уреди како што се звучници, екран и телевизор. Со нетрпение очекуваме да споделиме повеќе детали со вас наредниве месеци. Дотогаш, ‘Гугл асистент’ ќе продолжи да работи на овие уреди“, соопшти „Гугл“.

Во октомври е лансирана новата апликација „Џемини хоум АИ“  како замена на „Гугл асистент“ за паметните уреди. Ажурирањето беше објавено на страницата за техничка поддршка на „Андроид ауто“ (Android Auto), но важи и за „повеќето мобилни уреди“, се наведува. „Гугл асистент“ ќе продолжи да биде достапен до март 2026 година.

Инаку, „Гугл асистент“ беше лансиран во 2016 година – како директен конкурент на „Сири“ на „Епл“ и „Алекса“ на „Амазон“.

Новата услуга со вештачкоинтелигентен четбот, првично – на почетокот на 2023 година се викаше „Бард“ (Bard), но „Гугл“ ја ребрендираше во „Џемини“ на почетокот на 2024 година. Претходно оваа година, „Гугл“ го претстави и „Џемини фор хоум“, дизајниран за паметни домови, а се поврзува со домашните уреди за светло и греење.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3