Свет
Војската ја презеде контролата во Гвинеја-Бисао, суспендиран изборниот процес по претседателските избори
Војската во западноафриканската земја Гвинеја-Бисао попладнево објави дека ја презема „целосната контрола врз земјата“, „го суспендира изборниот процес“ и ги затвора границите, додека земјата ги чека резултатите од претседателските и парламентарните избори организирани во неделата.
Претходнно денеска, во близина на претседателската палата се слушнаа истрели, а мажи во воени униформи ја презедоа контролата врз главната улица што води до палатата. Во Гвинеја Бисао од стекнувањето на независноста се случија четири воени удари и серија обиди за државен удар.
Француските медиуми пренесоа дека војската го објави преземањето на власта преку прочитано соопштение од седиштето на армијата во главниот град Бисао.
Тензиите се зголемија по претседателските избори одржани на 23 ноември, а двајцата кандидати се прогласија за победници, објавија француските медиуми.
И независниот кандидат Фернандо Дијас и актуелниот претседател Умар Сисок Ебало прогласија победа на претседателските избори во Гвинеја-Бисао одржани за време на викендот.
Се уште се чекаат официјалните резултати од изборите, а државната изборна комисија претходно вети дека до утре ќе го објави конечниот исход од изборите и притоа ги предупреди гласачите, кандидатите, политичките партии, изборните коалиции и медиумите предвреме да не објавуваат никакви резултати.
Во трката за претседател на земјата учествуваа дванаесет кандидати.
Откако ја презеде функцијата во 2020 година, против актуелниот претседател Ембало имаше неколку обиди за државен удар и демонстрации на длабоко вкоренетото соперништво со кое се соочи.
ноември 27, 2025

