Connect with us

Вести

Мицкоски: Професионален и одржлив граѓански сектор кој е вистински партнер во креирањето и реализацијата на државните политики

Ниту една Влада, колку и да е силна, не може сама да ги носи промените. Ниту едно граѓанско општество, колку и да е развиено, не може да ја исполни својата улога без институции кои се отворени, транспарентни и подготвени за дијалог. Токму затоа денес можеме со гордост да кажеме дека Македонија гради зрел, структуриран и одговорен модел на соработка, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски на вториот национален форум саем на граѓански организации „Соработка на Владата и граѓанското општество“. 

Премиерот потсети дека на 8 јули годинава на 90. седница на Владата ја усвоиле Стратегијата за соработка и развој на граѓанското општество со Акциски план 2025–2028.

– Ова не е документ напишан во кабинет, ова е стратешка рамка создадена низ транспарентен и партиципативен процес. Во нејзината подготовка активно учествуваа претставници на граѓанските организации, беа спроведени консултации преку ЕНЕР, се одржаа две јавни расправи, а Советот за соработка со граѓанското општество даде позитивно мислење со кое го потврди нашиот заеднички правец. Визијата е јасна: силен, независен, професионален и одржлив граѓански сектор кој е вистински партнер во креирањето и реализацијата на државните политики. Сектор кој ја засилува демократијата, ги штити правата на граѓаните, ја следи работата на институциите и помага да се затвори јазот меѓу институциите и народот, рече Мицкоски.

Тој информира дека Стратегијата почива на три носечки принципи. – Прво, инклузивност и партиципативно планирање, затоа што политиките мора да се градат со оние кои секојдневно работат на терен. Второ, сигурност и одговорност, затоа што граѓанскиот сектор мора да има стабилна правна рамка и јасни правила на игра и трето, отвореност и транспарентност, затоа што само отворена држава може да воспостави доверба и еднаквост пред законот. Усвојувањето на оваа стратегија значи подобра правна рамка, поголеми механизми за учество, повисока финансиска одржливост и посилни демократски стандарди. Предвидуваме и формирање гарантен фонд нов инструмент кој ќе им овозможи на граѓанските организации полесно да обезбедуваат кофинансирање за европски и меѓународни фондови како ИПА, Хоризонт Европа, ИнвестЕУ, Дигитал Европа и други. Со ова го отвораме патот за побројни, посериозни и поквалитетни проекти, рече премиерот. 

Според него, особено важно е и заживувањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество.

– По обемни консултации, го оптимизиравме неговиот состав, воведовме заменици за поголема ефикасност и ја засиливме обврската за транспарентност. Со конститутивната седница на 7 април го прекинавме тригодишниот бојкот и денес Советот функционира активно, досега се одржаа пет седници, сите материјали и записници се јавно објавени. Советот веќе номинираше 13 претставници на граѓанскиот сектор во советодавни и работни тела на Владата, што претставува реално, суштинско влијание на секторот во изработката на политики. Паралелно работиме и на нов Закон за здруженија и фондации современ, европски, функционален, создаден во партнерство со секторот. Работната група предводена од Министерството за правда одржа повеќе состаноци, а нашата цел е до крајот на годината текстот да биде објавен на ЕНЕР и доставен до Венецијанската комисија. Ова не е закон на Владата, ова е закон што го создаваме заедно со вас, рече Мицкоски.

Граѓанските организации, како што рече, веќе учествуваат и во подготовката на Програмата за работа на Владата за 2026 година. – На 15 август упативме јавен повик, согласно Кодексот за добри практики, и пристигнаа 22 иницијативи од организациите. Со измените на Деловникот го продолживме рокот на јавна консултација од 20 на 30 дена затоа што вистинските политики бараат време, дебата, дијалог и аргументи. Ова не е само административен процес. Ова е промена на политичката култура. Ова е пораката дека државата конечно ги третира граѓанските организации како рамноправни партнери, како фактори што носат развој, стабилност и контрола, а не како странец во политичките процеси, порача Мицкоски.

Амбасадорот на Швајцарската Конфедерацијата во земјава Кристоф Зомер соопшти дека повеќе од две децении Швајцарија соработува со земјава.

– Швајцарија и Северна Македонија работат со граѓанското општество преку програмата Цивика мобилитас веќе 20 години, потенцира Зомер. Посочи дека целта на Цивика мобилитас е да овозможи позитивни промени на граѓанското општество, како  да се подобри управувањето со организациите и негување конструктивен дијалог со оние што одлучуваат и институцијата.

Директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) Александар Кржаловски потсети дека МЦМС веќе 20-тина години ја мери довербата во институциите и додаде дека на изборите таа најточно се покажува.

– Во таа смисла оваа владејачка коалиција неодамна на изборите ја потврди довербата што ја доби минатата година, што овозможува да се направат длабоки темелни реформи за кои и ние се залагаме во голема мерка. Веќе општо познати се процентите за правосудството. Едноцифрените бројки 2 и 8 отсто за судството и Обвинителството респективно е само за целосна доверба, но и ако се додаде и делумна доверба, пак, се на дното со 13 и 22 отсто респективно. И Владата и државните институции до лани не беа многу подобри во ова мерење и историски се движат меѓу 20 и 35 отсто. Оваа Влада, како и на изборите и на анкетиве почнаа да растат повеќе од тоа. Сепак, и некои од институциите покажуваат пораст, но сето тоа се уште е под 50 отсто. Во голем дел од случаи е 40 отсто и натаму треба да се поправи, рече Кржаловски.

Општата доверба во граѓанското општество во целина, како што рече, е добра 49 отсто. – Тоа главно се должи на црквите и верските заедници кои годинава имаат 70 отсто доверба, а секогаш имаат над 60 отсто. Она што кај нас граѓанските организации се случува е опадната доверба за 10 проценти поени во ланското мерење во однос на претходните две години од 48 на 38 отсто. Уште не е алармантно, но секако е загрижувачка тенденција. Дел за причините за падот на довербата во граѓанските организации според истото истражување е распространетноста на некои веќе децениски стереотипи, како „пералници на пари“ и како во служба на партиите. И натаму овие се доминантни перцепции, па време е да се запознаеме подобро меѓусебно, Владата и граѓанските организации и да се обидеме да ги надминеме овие стереотипи, рече Кржаловски. 

Тој порача дека следната година треба да се направи транспарентен систем за распределба и во рамки на можностите да се предвиди градуално зголемување на буџетот за организациите во следните години.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4