Connect with us

Вести

Дебата НКЕУ-МК: Европа почнува дома, кога се зборува за евроинтеграциите, се мисли на напредок и на воведување стандарди во сите сфери на живеење

Кога се зборува за евроинтеграциите, се мисли на прогрес, на напредок, на воведување стандарди во сите сфери на живеењето, се мисли на подобар живот за сите граѓани. Европа почнува дома, додека реформите се услов а не опција, порачаа учесниците на Осмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европска Унија во Северна Македонија што денеска се одржа во Собранието на тема „Реформи од другата страна на реториката: Регионални предизвици на патот кон ЕУ“.

Тие ја истакнаа важноста на реформите, градењето институционална доверба и продлабочена регионална соработка како клучни предуслови за напредок кон Европската Унија, особено во контекст на новиот План за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Заменик-министерката за европоски прашања Викторија Трајков, која беше еден од говорниците на конференцијата, рече дека евроинтеграциите се напредок и воведување стандарди во сите сфери на живеење.

-Кога се зборува за евроинтеграциите, се мисли на прогрес, се мисли на напредок, на воведување стандарди во сите сфери на живеењето и на крајот, се мисли на подобар живот за сите граѓани. Тоа е мислата која не води нас, но и државите од регионот додека ги вложуваме нашите напори за да ги спроведеме неопходните реформи кои ќе ни го обезбедат посакуваниот влез во Унијата. Тој пат сите ние знаеме дека не е лесен и дека е исполнет со потешкотии и предизвици. Предизвици кои не научија и се уште не учат да ги претвораме во можности, истакна Трајков.

Таа порача дека Владата работи посветено на спроведување на европските стандарди и подобрување на условите за граѓаните и бизнисите.

-Целосно сме посветени на спроведување на реформите кои се дел од Реформската агенда, а кои за нас значат шанса да се доближиме до ЕУ преку спроведување на европските стандарди и вредности. Листата на реформите е долга, но охрабрува тоа што дел од овие реформи се веќе спроведени, а дел остануваат да се спроведат во периодот што следува, истакна заменик министерката.

Во овој период, додаде, фокусот е на исполнување на 29 чекори до крајот на годинава во областите на јавен финансиски менаџмент, реформа на јавната администрација, енергетика, дигитална транзиција, развој на бизнис секторот и реформи во областа на владеење на правото и со исполнување на овие чекори, ќе се ослободат дополнителни 134 милиони евра за нашата земја.

Трајков рече дека ЕУ не поддржува во нашите напори да и се приклучиме, но затоа мора да ги вложиме сите наши капацитети, потенцијали, луѓе, заедно да ја оствариме оваа наша стратешка цел за која трпеливо чекаме веќе две децении.

Марија Петрушевска, пратеничка и потпретседателка на собраниската Комисија за европски прашања, рече дека во овој изминат период се става еден посебен акцент на процесот на европска интеграција.

-Меѓутоа, овојпат тоа не е еднонасочен процес, токму заради тоа што во изминатава недела слушнавме дека се работи на стратегијата за проширување на ЕУ на комисијата АФЕТ од каде што, за разлика од летото, слушнавме попозитивни пораки што би можеле многу да влијаат на Западен Балкан и на земјите кои аспирираат во поглед на една важа порака – а тоа е дека билатералните прашања конечно можат да се разгледуваат одвоено од процесот на проширување, рече Петрушевска.

Директорот на Словачката асоцијација за надворешна политика Томаш Стражај, говореше за наративот во Словачка кон Брисел и дека луѓето таму имале нереални очекувања по пристапувањето на земјата кон ЕУ, особено во поглед на животниот стандард.

-Кога ние влеговме, тоа беше претставено како влегување во рај, меѓутоа за неколку години економската ситуација се очекуваше да стане многу подобра и голем процент од луѓето се чувстуваат разочарано затоа што се уште се борат со егзистенцијални прашања. Има голем процент на сиромаштија и тоа не само во Словачка, туку и во другите држави-членки. Затоа очекувањата на луѓето можеби треба да се намалат во оваа смисла. Не треба ЕУ да се претставува како банкомат со неограничен извор на пари, рече Стражај.

Но од друга страна, додаде тој, ЕУ значително придонесе да се трансформираат нашите општества и нормално фондовите на ЕУ придонесоа за нашата благосостојба и за подобрувањето на економската ситуација. -Некои се уште имаат сомнежи дали ЕУ е успешен проект, меѓутоа, таа секако е, заклучи Стражај. 

Бојана Селаковиќ, национална координаторка на НКЕУ-Србија, рече дека во регионот на Западен Балкан имаме две држави предводнички во процесот на евроинтеграции и сега е времето кога може да се види волјата на ЕУ и дали таа е сериозна во врска со завршувањето на процесот на пристапување со Црна Гора и со Албанија.

Според неа, поради геополитичката ситуација, сега гледаме дека проширувањето кон Источна Европа всушност е приоритет за Унијата.

Ермелинда Мучај од Европското движење на Албанија, говореше за реформите што ги спровела Албанија на патот кон ЕУ, особено во полето на првосудството, како што е ветингот. Потсети дека Албанија ги отвори сите поглавја во преговорите, притоа исполнувајќи прецизни бенчмаркови.

На конференцијата учествуваа и пратеници, амбасадори, високи претставници на министерствата, судии, обвинители, адвокати, експерти од правосудството, како и претставници на институции и организации од Словачка, Србија и Албанија, академската заедница, граѓанскиот сектор и членовите на работните групи на НКЕУ-МК.

Конференцијата беше поделена во три панел-дискусии, преку кои се отворија три клучни прашања за засилување на довербата и солидарноста во европските интеграции, за владеење на правото надвор од политичката реторика, како и за економските реформи, конвергенцијата и регионалната поврзаност на земјите од Западен Балкан. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3