Connect with us

Култура

Изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“  отворена во Берлин

Архитектонска изложба „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“  (Women in Macedonian Architecture: Rebuilding Skopje) на авторите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Јован Ивановски, Теа Дамјановска и Михајло Стојановски е отворена вчеравечер во галеријата „BHROX Bauhaus Reuse“ во Берлин каде што ќе може да се посети до 14 декември 2025.

Изложбата е резултат на повеќегодишно истражување и го претставува креативниот придонес на жените архитекти во македонската архитектура, со цел да придонесе за подобро разбирање, поголема видливост и културолошко вреднување на архитектонското наследство што го оставиле на идните генерации.

Во Берлин се претставени повеќе од 30 дела на избрани жени архитекти: Мимоза Несторова Томиќ, Вера Ќосевска, Љубинка Маленкова, Олга Папеш, Василка Ладинска, Прохирија Хаџи Костова Пешиќ, Нада Савеска, Донка Петкова Костиќ и Росанда Мичева.

-Образувани во веќе реномираните архитектонски школи и културни центри во поранешна Југославија – Белград, Загреб и Љубљана, каде архитектонскиот модернизам навлегувал директно од европските центри – Париз, Берлин, Виена, Прага итн., по враќањето во Скопје и работата во бројни проектански организации тие извршиле силно влијание врз развојот на македонската архитектонска сцена, ширејќи ја модернистичката идеја и култура помеѓу помладите генерации на архитекти, соопшти „Континео 2020“.

Истражувањето „Жените во македонската архитектура: обновата на Скопје“ е финансирано во 2021 година од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, а претходно беше јавно претставено во Музејот на Македонија, во декември 2021, како и во Македонскиот културен центар во Њујорк, во  јули 2025 година. Со отворањето на изложбата се заокружува програмата „Модерната еманципација“ која почна со одржувањето на фестивалот „Жените во архитектурата“ (WIA2025-Festival) во јуни 2025 година, и е во рамки на архитектонскиот фестивал „Триенале на Модерната“ (TDM2025 – Triennale der Moderne), кое по петти пат се одржува во градовите каде некогаш била сместена Школата Баухаус: Берлин, Десау и Вајмар.

Промоцијата на македонската архитектура во Берлин ќе продолжи денеска во реномираната Берлинска галерија (Berlinische Galerie). Кураторката од Берлинската галерија Катарина Депиш, заедно со архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски, истовремено ќе водат музејска тура и пред посетителите ќе водат разговор на тема: „Другарки и тимски играчи – жените кои ги изградија Источен Берлин и Скопје“.

На 28 ноември, пак, архитектите Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков и Јован Ивановски ќе имаат свое излагање на меѓународната конференција на тема „Прогресивно наследство“, што се одржува во рамките на „ЕТОМ – Европско триенале на модернизмот“ (ETOM – European Triennale of Modernism) и „НЕБ – Нов европски Баухаус“ (NEB – New European Bauhaus).

-На конференцијата ќе бидат претставени различните практики на истражување на модернизмот како „прогресивно наследство“, во смисла на неговата важност во градењето на општествената кохезија и активната културна соработка, особено во Централна и Источна Европа, се наведува во соопштението.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2