Connect with us

Фудбал

Инфантино доби либанско државјанство

Либанската фудбалска асоцијација (ЛФА) објави денеска дека на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, му е доделено либанско државјанство со декрет.

Како што е соопштено, претседателот на Либан, Џозеф Аун, лично ја информирал ФИФА за одлуката, наведувајќи дека декретот за доделување државјанство на Инфантино, чија сопруга е Либанка, е издаден бидејќи станува збор за јавна личност која му помага на Либан.

„Многу сум горд и среќен. Либанец сум многу години, па затоа е добро што го формализираме тоа“, изјави Инфантино за либанскиот телевизиски канал LBCI

Педесетипетгодишниот прв човек на светскиот фудбал, кој има италијанско – швајцарско потекло, е во брак со Лина ал-Ашкар, Либанка која е вработена во Фудбалската асоцијација на Либан.

Инфантино изминатиот период активно се залага за изградба на модерен стадион во земјата, која веќе неколку години се бори со тешка економска криза.

„Ја проучуваме можноста за изградба на целосно нов стадион со капацитет од 20.000 до 30.000 седишта. На Либан му е потребен симбол за спортот и фудбалот што ќе ја покаже неговата посветеност на напредокот во модерна средина, особено за младите во земјата“, рече Инфантино, кој вети дека ќе ги покрие сите трошоци за изградба на овој нов стадион.

„Само треба да најдеме земјиште за неговата изградба, а ФИФА ќе се погрижи за останатото“, рече претседателот на ЛФА, Хашем Хајдар, кој најави дека новиот стадион ќе се гради во Бејрут.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2