Општини
Со амандман од ВМРО-ДПМНЕ, шест милиони денари за изградба на натпатник на патот Штип-Чардаклија
Собраниската Комисија за финансирање и буџет, на предлог на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, прифати амандман со кој од државниот буџет за 2026. треба да се обезбедат шест милиони денари за реконструкција на натпатник на патот Штип-Чардаклија на источниот дел на градот.
Амандманот од Мицевски предизвика дебата на денешната седница на Комисијата, која петти ден одржува амандманска расправа за Предлог буџетот за 2026 година.
Фатмир Битиќи од СДСМ побара „конзистентност од власта кога ќе се бараат средства и од опозицијата“, забележувајќи дека во тек на досегашните четири дена од расправата имало ист одговор од заменик министерот за финансии на секој опозициски предлог за амандмани.
– Ако правиме приоритети, секогаш безбедноста на граѓаните треба да биде на прво место, натпатници, потпатници, проширувања на патишта се битни, но исто така се битни и канализацијата и водата, рече Битиќи, дополнувајќи дека се надева оти ќе бидат усвоени барем неколку од 77-те амандани поднесени од СДСМ.
Мицевски во реплика рече дека два амандмани на барање на опозицијата се веќе прифатени.
– Со натпатникот ќе направиме убав влез во Штип од источна Македонија, а средствата се побарани во договор со Министерството за транспорт. Очекував вие да го решите во изминатиот период но вие сакате да политизирате, рече Мицевски, кој укажа дека сите општини се исти и оти распределбата на јавните пари ќе зависи од умешноста на општините и квалитетот на проектите.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски, појаснувајќи ги неговите одговори за амандманите, рече дека за тие што се отфрлени се барале средства за проекти за кои Владата веќе одобрила финансии преку повици за таа намена. Потсети дека претходно бил прифатен амандман на опозицијата со кој ќе се зголеми буџетот на Оперативно техничката агенција (ОТА) и најави дека ќе има и други што ќе бидат прифатени.
Со амандманите што беа отфрлени, пратеници од Европскиот фронт бараа дополнителни средства за обнова на фасади на згради и поставување лифтови, за секундарна мрежа за фекална канализација во Струга, за реконструкција на мостови во Чашка, за доизградба на водовод во Студеничани. Поддршка не добија амандманите од СДСМ за зголемување на средствата за Програмата за проширена репродукција на шумите, од 20 милиони денари на 30 милиони денари, за дополнителни 511 милиони денари за поддршка во земјоделството, за задржување на износот од 300 милиони денари за Интервентниот фонд во земјоделството, за Програмата за поддршка на откупот за свежо овошје, зеленчук, млеко и млечни производи. Во тек на дебатата по тие амандмани пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ изнесоа меѓусебни обвинувања за состојбата во Платежната агенција за поддршка на земјоделството, исплатата на субвенциите и на платите во Македонски шуми, како и генерално за состојбите во земјоделството.
Расправата продолжува по редовната едночасовна пауза на Комисијата за финансирање и буџет која треба 10 дена да расправа по поднесените над 200 амандмани за буџетот за следната година. Пленарната седеница за Предлог-буџетот за 2026 година треба да се одржи на 9 декември.
ноември 24, 2025

