Вести
Муцунски на средба со Делегација на шпанскиот Сенат: Шпанија останува наш силен пријател и поддржувач на патот кон ЕУ
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје оствари средба со делегација од шпанскиот Сенат, составена од сенатори – членови на Комисијата за надворешни работи.
Како што соопштија од МНР и НТ, министерот Муцунски изразил задоволство од посетата, која претставува потврда за одличните односи меѓу двете земји. Тој ја нагласил важноста на парламентарната дипломатија и континуираниот политички дијалог, истакнувајќи ја потребата од почести контакти меѓу претставниците на двата парламента, со очекување оваа динамика дополнително да се интензивира во претстојниот период.

-Говорејќи за европската интеграција, министерот посочи дека процесот треба да биде предвидлив и ненаметнат од билатерални прашања. Потсети и на отстапките направени во изминатите години и долготрајниот период низ кој поминува нашата држава, нагласувајќи дека граѓаните на Македонија доследно ги споделуваат европските вредности, се наведува во соопштението.
Сенаторите од Шпанија, пак, се наведува, потврдија дека нивната земја останува силен пријател и поддржувач на Македонија, вклучително и во однос на членството во Европската унија. Тие ја нагласиле важноста од интегрирањето на државата во европското семејство, како основа за понатамошно продлабочување на соработката.

-Во разговорот беше посочена и одличната динамика на билатералните односи, како и потенцијалот за нивно дополнително унапредување, со акцент на економијата, инвестициите, културата и туризмот. Беше оценето дека оваа средба, како и активностите во рамки на посетата, ќе придонесат за натамошно јакнење на блиските и пријателски односи меѓу двете земји, стои во соопштението.
ноември 24, 2025

