Култура
„Александар јава на запад“ – нов роман од Венко Андоновски
„Александар јава на запад“ е нов роман од Венко Андоновски. Објавен е од Издавачкиот центар ТРИ од каде што велат дека книгата не припаѓа во ниту една жанровска категорија од оние што го сочинуваат досегашното творештво на Андоновски.
-Андоновски е автор, меѓу другото, на две книги поезија, три книги раскази, пет романи, еден прирачник за креативно пишување, 18 изведени театарски пиеси и едно сценарио за игран филм. И покрај целиот овој опус, „Александар јава на запад“ не припаѓа во ниту една од овие категории. Станува збор за фасцинантна фарса и ведра гротеска напишана со брутална смелост и пародиски означена со жанрот „чекајќи роман“. Со овој „нов жанр“ Андоновски се разликува од самиот себеси и од сè што досега напишал како романсиер, а истовремено потсетува на сјајните моменти од неговите комедии и фарси, кои беа хитови цели две децении на нашите театарски сцени, соопшти ТРИ.
Содржината на романот го следи текот на еден необичен настан – „оживуваат два споменика на скопскиот плоштад – на Александар и на Гоце Делчев, па тргнуваат да видат како денес изгледа светот“.
-Со оглед на тоа што е напишан со динамика што потсетува на сцена и се чита како да се гледа, се очекува дека и овој роман ќе добие слично, ако не и поголемо внимание и ќе изврши големо влијание, со потенцијал да биде препознаено и надвор од нашата книжевна сцена, наведува ТРИ посочувајќи ги претходните популарни остварувања на Андоновски – „Папокот на светот“ досега е печатена во 15 000, а „Вештица“ во 11 000 примероци „што го прави еден од најчитаните домашни автори во Македонија“.
Издавачки центар ТРИ најави промоција на романот на почетокот на декември.
ноември 24, 2025

