Свет
Левичарите во Европарламентот бесни зашто не можат да ја притиснат Мелони заради наводни проблеми со „владеењето на правото“
Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент на седница зад затворени врати го отфрли предлогот за испраќање на мисија за утврдување на фактите на парламентарниот Комитет за граѓански слободи во Италија, со цел да ги провери информациите за наводно непочитување на принципите за владеење на правото и на основните права под управа на италијанската Влада на премиерката Џорџа Мелони.
Конференцијата на претседатели, што ја сочинуваат претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и лидерите на пратеничките групи, дополнително ја откажа и планираната посета на тим на Комитетот за вработување на Италија во 2026 година, со задача да ја провери загриженоста за кршење на правата на работниците во земјата.
Според извори запознати со текот на седницата, предлогот за испраќање на тимот на Комитетот за граѓански слободи бил отфрлен со гласовите на претставниците на Европската народна партија (ЕПП), Патриотите за Европа (ПФЕ), Европските конзервативци и реформисти (ЕРЦ) и Европа на суверените нации (ЕСН). Од друга страна, „за“ предлогот се изјасниле претставниците на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД), либералната група Да ја обновиме Европа (РЕ), Зелените и Левицата. Истиот сооднос на силите бил и при гласањето за откажување на мисијата на Комитетот за вработување.
Испраќањето на тимот на Комитет за граѓански слободи во Италија беше дел од пакетот договорен меѓу ЕПП, СД и РЕ, кој предвидуваше и мисија за утврдување на фактите со состојбата на владеењето на правото и во Шпанија. Ваквиот пакет се толкуваше како компромис со тоа што на „тапет“ околу почитување на принципите на владеењето на правото требаше да се најдат една десничарска Влада, на Мелони во Италија, и една левичарска, на Педро Санчез во Шпанија.
Сепак, во последен момент ЕПП се откажа од договорот, што резултираше со отфрлање на предлогот. Образложението на ЕПП за ваквата одлука беше дека Европарламентот „има премногу мисии“ и дека тие треба да се преразгледаат.
Бриселските медиуми посочуваат дека исходот од ова гласање дополнително ги разлути социјалдемократите, либералите и зелените, кои и онака веќе беа бесни на ЕПП поради нејзиното сојузништво со десничарските и екстремно десничарските партии при усвојувањето на предлогот за „олеснување“ на обврските за бизнисите поврзани со почитување на еколошките правила и при отфрлање на предлогот во Комитетот за правни работи за поднесување тужба против Европската комисија поради отфрлањето на иницијативата за реформа на правилата за патенти.

Лидерката на СД, Ираче Гарсија Перез порача дека смета оти Конференцијата на претседатели не треба да ги ограничува активностите на еден Комитет.
– Што крие Италија за да одбие посета на делегација на Европскиот парламент, со поддршка на ЕПП, изјави Гарсија Перез, сопартијка и блиска соработничка на шпанскиот премиер Санчез.
Копретседателката на Зелените, Тери Рајнтке оцени дека седницата на Комитетот за вработување се одвивала во „лоша атмосфера“, обвинувајќи ја десно центристичката ЕПП дека се „здружила со екстремната десница“ при гласањето за „две клучни одлуки“ во последните десетина дена.
Досега како „главен виновник“ за здружувањето на блокот на десниот центар со десничарските партии, социјалдемократите и либералите го посочуваа лидерот на ЕПП, Манфред Вебер, но сега се почесто одговорноста за ваквите случувања се префрла и на претседателката на ЕП, Мецола.
Така, германскиот социјалдемократски европратеник Рене Репаси во изјава за „Политико“ ја обвини Мецола, која доаѓа од редовите на ЕПП, дека „ефикасно му дава можност на десничарското мнозинство“.
Последниве месеци се почесто можат да се слушнат обвинувања дека Мецола се приближува кон десничарските група за да осигура свој реизбор за трет мандат на претседателската функција. Поддржувачите на ваквите оценки тврдат дека тоа се гледа во нејзината флексибилност кон барањата на екстремната десница за дебати. Тие посочуваат и на нејзината неодамнешна изјава дека ако „центристичкото мнозинство“ не може да се усогласи за олеснување на зелените обврски, тогаш „ќе се вклучат алтернативни мнозинства“, што го толкуваат како поддршка на блокот на ЕПП со десницата и екстремната десница.

– Се почесто гледаме дека Мецола е во целосна кампања за трет мандат, зближувајќи се со екстремната десница. Но, наместо да вели дека закони можат да носат алтернативни мнозинства, таа треба да се потруди да ја врати ЕПП назад кон центарот, изјавил за „Политико“ либерален европратеник, кој побарал анонимност.
Но, негов социјалдемократски колега изјавил дека не мисли оти Мецола „сега е понаклонета кон екстремната десница отколку пред една година“. – Таа едноставно е вешта во задоволувањето на сите, вклучително и на екстремната десница, за да ја задржи својата позиција како претседател, изјавил европратеникот, за кој се посочува дека е „влијателен во СД“.
Пратеници од редовите на либералите и зелените сметаат дека Мецола ја користи својата позиција за да протурка или да блокира досиеја во зависност од интересите на ЕПП.
На ваквите обвинувања, портпаролот на Мецола, Јури Лас, изјави дека нејзината функција бара неутралност. – Улогата на претседателката е да го брани Парламентот и неговите одлуки. Тоа е она што претседателката отсекогаш го правела и секогаш ќе го прави, рече Лас.
И поддржувачите на Мецола ги отфрлаат обвинувањата на нејзина сметка, посочувајќи дека таа ништо не прави „на своја рака“ и дури иако Деловникот на ЕП не ја обврзува на тоа, претседателката редовно се консултира со Конференцијата на претседатели за сите предлози.
Но, како што оценуваат медиумите, тоа што сите потези на Мецола, дури понекогаш и сосема нормалните, се ставаат под лупа и се преиспитуваат, е показател за поделбите и раширеното незадоволство во Европскиот парламент.
ноември 23, 2025

