Connect with us

Општини

Советот на Општина Тетово избра претседател – Јусуф Абдули од коалицијата „Вреди“

На конститутивната седница на Советот на Општина Тетово со новоизбраните советници за претседател беше избран Јусуф Абдули. На оваа седница, чие претседавање го почна највозрасниот советник Бранислав Светозаревиќ,  изборот на Абдули беше изгласан со вкупно 16 гласа, додека 11 беа против и еден советник гласаше воздржано. За Абдули гласаа 13 советници на коалицијата „Вреди“ и тројца од ВМРО ДПМНЕ.

-Како претседател на Советот на општина Тетово можам да ви кажам само дека ќе бидеме соработници со сите тие што сакаат да работат за подоброто на Тетово и на граѓаните на општина Тетово, изјави Јусуф Абдули.

Градоначалникот на Тетово, Биљал Касами е убеден дека со овој состав на Советот на општина Тетово ќе има одлична соработка.

-Ќе продолжиме со реализација на проекти во служба на сите граѓани на Тетово. Проекти кои се во сферата на образованието, културата, инфраструктурата на социјалната заштита и сите области кои се во сферата на надлежност на локалната самоуправа. Ќе бидам во служба одлуките на Советот кои ќе бидат во правец на реализација на тоа што е ветено на последните локални избори се со цел Тетово после четири години да биде подобра општина и подобар град за живеење, рече Касами.

Тој воедно информираше дека како градоначалник донел одлука со која назначува негов заменик од членовите на Советот, а тоа е советникот Аљби Ќамили, кој беше носител на листата со кандидати за советници на коалицијата „Вреди“

Додека се одвиваше конститутивната седница Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“ оцени дека за изборот на нов претседател треба да има дебата.

-Се избра претседател на Советот без ниедна дебата што мислам дека е спротивно на Деловникот на Советот и тоа не враќаа пред ерата на демократијата. Ова уште еден доказ дека Советот во Тетово ќе  функционира само како гласачка машинерија. Друга работа избраниот претседавач на Совет е лице директно вмешана во партизација на образованието. Ние како граѓани мислевме дека пазарењето е меѓу ВЛЕН и ВМРО, сега на крај испадна дека пазарењето било само меѓу ВЛЕН внатре.  Тие секогаш кога доаѓа времето за собирање гласови се соединуваат, меѓутоа, кога доаѓа работа за поделба на позициите, тогаш се дисперзираат и гледаме дека на носител на листа му е  дадено една функција што не постои во легислативата заменик претседател на општината, туку човек што од друга партија не е од партијата на Касами денеска е избран за претседател на совет, рече Агрон Арифи.

Советникот на партијата Левица, Боби Илиевски пред читањето на свечените изјави на новите советници побара писмениот акт од Општината да биде испечатен без додавката Северна во името на државата. Од правната служба на Општина Тетово одговорија дека во Статутот на Општина Тетово од 2019 година е вметнато новото уставно име на државата.

Претседателот на Советот на Општина Тетово, Јусуф Абдули има 38 години и е професор по физичко образование во Спортската академија во Тетово. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1