Connect with us

Општини

Конференција: Промовирање на мирот и ненасилството како основни вредности во воспитно-образовниот систем

Потребно е  подлабока интеграција на мировното образование во наставните курикулуми преку промовирање на мирот и ненасилството како основни вредности во воспитно-образовниот систем, беше истакнато на четвртата конференција за мировно образование што два дена ја организира Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Нејзиниот претседател, Драги Знијанац, истакна дека ова е значаен настан за воспитно-образовниот процес во кој, рече, „се обидуваме да градиме култура на мир и ненасилство од раната детска возраст“. 

Посочи дека поддршка во овој проект, кој го реализираат од 2011 година, имаат од Министерството за образование и наука со кое „Меѓаши“, рече, има склучено три меморандуми за соработка.

-Тие ја имаат препознаено важноста и улогата на оваа програма во содржинскиот дел, каде што наставниците имаат директна работа со деца. Имаме опфатено 78 училишта и вклучено 300 професори со над 200 обуки и 8000 ученици. Тоа е навистина уникатна и репрезентативна бројка. Во континуитет веќе 15 години работиме на оваа програма со намера да направиме општествена благодат, поправеден свет за децата во кој тие на поинаков начин ќе комуницираат меѓу себе, нема да се соочуваат катадневно со меѓуврсничко насилство, сајбер насилство и други форми на злоупотреба на децата во наставата и во училишниот двор, изјави Змијанац пред официјалното отворање на конференцијата.

Нагласи дека им се многу важни наставниците затоа што, рече, „преку нив допираме до учениците, до домовите, родителите и до пошироката заедница“.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска учествуваше на конференцијата во интерактивната сесија со наставници кои ги пренесоа нивните искуства и предизвиците со кои се соочуваат. За медиумите таа изјави дека присуствува на овој настан со цел мировното образование да се промовира како составен дел на системот на образование и, како што рече, „за да изградиме подобро и попросперитетно општество“.

-Зошто е важно? Затоа што мировното образование гради личности со вредности, личности кои ќе знаат да ја почитуваат и да ја ценат толеранцијата, вербално да ги решаваат конфликтите, да ги распознаваат различностите и да се гордеат со нив, а не да ги сметаат за недостаток, зрели личности кои во иднина ќе можат да градат современо и напредно општество. Македонија е мала земја и не може да влијае на глобалните настани за мир, но може преку вакви програми да го чува националниот мир меѓу своите граѓани, истакна Јаневска.

Додаде дека и законски имаме обврска како образовен систем „да ги усовршуваме вештините и способностите на нашите млади луѓе за во иднина да можат да ги искористат“.

-Оттука, им благодарам на „Меѓаши“ за оваа програма и се надевам дека денес со наставниците ќе имаме плодотворна дискусија за да ги слушнеме нивните искуства и идеи за да продолжиме со ваквата програма, сè во корист на нашите млади луѓе и на нашата држава, рече министерката за образование и наука. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3