Connect with us

Општини

Регионалната мрежа „Соседите помагаат први“ – платформа за соработка и за размена на добри практики за одговор при катастрофи

Во организација на Црвениот крст денеска се одржува редовна средба на мрежата „Соседите помагаат први“. Се работи за платформа која овие национални друштва во земјите од Југоисточна Европа ја создадоа пред пет-шест години, а е можност за соработка и за размена на добри практики за подобри подготовки за сите нас кои сме членки на мрежата за следните одговори на катастрофите кои би се случувале, изјави денеска генералниот секретар на Црвениот крст на Северна Македонија Саит Саити пред промоцијата на мрежата „Соседите помагаат први“ и Интервентната единица за одговор при катастрофи на Црвениот крст. 

Според Саити, ова е добра можност за да се направат подготовките за следниот период имајќи го предвид она што се случува во регионот и во светот и, како што рече, наша амбиција е да го прилагодиме нашиот одговор и нашите подготовки и се што е потребно. 

– Во рамки на настанот ја промовираме и нашата интервента единица како нов сегмент во програмата  за катастрофи. Единица која во наредниот период во името на Црвениот крст и како дел од единствениот национален систем за одговор при катастрофи ќе бидеме во ситуација да понудиме еден квалитетен и ефикасен сегмент во рамки на  државата во идните справувања со кризни ситуации, односно со катастрофи предизвикани од природата или човекот, рече генералниот секретар на Црвениот крст Саити.

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кој се обрати на промоцијата на регионалната платформа за соработка помеѓу националните друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина за земјите од регионот, истакна дека само со меѓусебна соработка и поддршка можеме да придонесеме за сигурен, стабилен и безбедносен регион и во остварување на заедничките цели – раст и развој на државите. 

– Кризните состојби и природните катастрофи се почесто ги надминуваат националните граници и имаат регионални последици затоа повеќе од потребни ни се меѓусебна регионална координација, партнерство и заеднички одговор, рече Мисајловски.

Мисајловски изрази благодарност до сите земји кои во изминатите повеќе од 30 години не се двоумеле да ни помогнат кога ни било потребно. Многу од нив, како што рече, помогнаа со човечки ресурси и опрема и дополнително придонесоа во градење на нашите капацитети.

– Секоја соработка со соседите и со останатите земји партнери и сојузници е особено важна за континиуирано унапредување на механизмите за превенција, рано предупредување и справување со кризи. Сите овие изминати години Министерството за одбрана, Армијата, Црвениот крст, државните институции и општините преку редовна координација, заеднички обуки, едукација, практични вежби и хуманитарни акции остваруваат континуирана и стратешка соработка со една единствена цел – навремена заштита и безбедност на сите граѓани, рече министерот за одбрана.

Тој истакна дека е особено горд на претставниците на Министерството за одбрана, Армијата и на сите оние кои даваат свој личен придонес во зачувување на безбедноста и мирот на нашата татковина.

Извршниот претседател на хрватскиот Црвен крст Роберт Маркт му честиташе на Црвениот крст на Северна Македонија за сите постигнувања, за се она што го прави во државата и за преземањето на претседавањето на Секретаријатот за водење на регионалната мрежа „Соседите помагаат први“. 

-Ние имаме фантастична соработка и горди сме што имаме такви партнери. Хрватскиот Црвен крст развива проекти и програми, кои покрај мрежата ги дели со своите колеги и со македонскиот Црвен крст и сметаме дека тоа е добар модел за размена на искуства. Имаме слични закони и на многу едноставен начин можеме едни на други да си укажуваме на најдобра пракса, вели Маркт. 

На промоцијата присуствуваа претставници од регионот, од академската заедница и од Армијата.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4