Connect with us

Општини

Промовирана кампања за инклузија во фудбалот: „Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“

„Еден тим за секое дете – нулта дискриминација“ е насловена кампањата за инклузија во фудбалот и спречување дискриминација од секаков вид во овој спорт, која беше промовирана денеска во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на детето – 20 Ноември.

Кампањата ја спроведува Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје во партнерство со Министерството за образование и наука, Министерството за спорт, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ). 

Целта на кампањата, која ќе трае до 1 март 2026, е да се подигне свеста за појавата на дискриминација, пристрасност и стереотипи во фудбалот – со особен фокус на девојчињата, децата Роми и децата со попреченост – и да се зајакне реагирањето и пријавувањето преку официјалните механизми на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. 

Министерката Весна Јаневска истакна дека секој од учесниците во кампањата ќе ја пренесува пораката дека „за сите има место во тимот“ и дека нашите деца, како што рече, заслужуваат и спорт без дискриминација, а МОН  „ќе ја искористи оваа кампања преку наставни и воннаставни активности да го промовира фер-плејот и да гради култура на инклузија“. 

-На  сите нас овде ни е заедничка обврската да обезбедиме секое дете да има право да учи, да игра и да биде прифатено. Правиме темелни промени во образованието затоа што тоа треба да биде квалитетно, инклузивно и достапно за секое дете, ако сакаме да обезбедиме подобра иднина за сите нас. Интензивно работиме на подобрувања на сите нивоа на образование затоа што сегашните ученици и студенти ги чека свет на нови технологии и знаења, за кој треба да бидат подготвени, истакна Јаневска. 

На прашање што може да преземе Владата за да се надминат навредливите наративи од трибините на спортските натпревари, Јаневска одговори дека и Владата и МОН постојано укажуваат што треба и што не треба да се случува.

-За жал, стереотипи и нетрпение од различни видови постојат секаде во светот, па и во Македонија, но тоа не значи дека треба да ги поддржуваме зашто ги има насекаде. Оттука, ние во образованието преземаме се, а еве и денес сум тука за да покажам дека ние против тоа треба сесрдно да се бориме. Но, за да ги сузбиеме стереотипите и неправдите, основна и најсилна алатка е образованието –  тоа е столбот и клучот. Знаењето е тоа што ќе нè научи да почитуваме, различноста да ја гледаме како богатство, а не како хендикеп, и да извлечеме убавина од сè што можеме да ја извлечеме. Тоа го имаме во наставните програми и наставните активности. И јас постојано тоа го промовирам – дека ние  сите сме еднакви, дека имаме една држава која заеднички треба да ја градиме, полна со почит и полна со разбирање, истакна Јаневска. 

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Лесли Милер, искажа задоволство што се партнери во оваа значајна кампања што треба да ги заштити децата од дискриминација.

-Денеска е важен ден – Светскиот ден на детето со кој се одбележува Конвенцијата за правата на детето – во која основно начело е недискриминацијата. Тука сме да го слушнеме гласот на децата, нивните идеи и решенија. Денес има многу млади луѓе – момчиња и девојчиња, и деца со попреченост, деца од различни средини кои заедно ќе ја дизајнираат кампањата преку која ќе им се обратат на своите врсници. Тоа ќе биде еден начин да се стави крај на дискриминацијата – не само во фудбалот, туку и во животот, порача Милер. 

Претседателот на КСЗД Душан Томшиќ изјави дека ова е исклучително значајна кампања и очекува дека преку спортот „ќе успееме да ја подигнеме свеста во општеството за еднаквоста и недискриминацијата“.

-Ние како возрасни треба да создадеме услови да изградиме општество кое ќе овозможи еднакви шанси за сите. Сметам дека фудбалот и спортот се вистинското место каде што можеме да ги изградиме овие вередности кај младите фудбалери и фудбалерки, изјави Томшиќ.

Во одговор на новинарско прашање, тој рече дека КСЗД досега не примила претставка по основ на дискриминација за учество во спорт. 

-Во однос на младите, добиваме од училишта кога се работи за деца со посебни образовни потреби, деца со непримерено однесување, тоа се најголем дел од претставките. Сè уште немаме добиено претставка дека некој не може да учествува во спорт. Но, сепак, сметам дека преку спортот може да ја подигнеме свеста за да не се случуваат непосакувани работи на трибините. Затоа што прво треба да се запознаеме за да можеме да судиме понатаму кој каков човек е. Нашите млади генерации треба да растат во зедништво и кохезија, да создадеме едно општество кое нема да препознава вера, нација, боја на кожа, социјално потекло. Конкретно за спортот – секој треба да добие шанса да учествува на натпревари и да се докаже себеси, изјави Томшиќ. 

Почетокот на кампањата го поздрави и генералниот секретар на ФФМ, Леонид Јандреоски, кој нагласи дека „фудбалот е терен каде што сите се еднакви“.

-Таму може да ги покажеме сите наши најдобри карактеристики и особини и таму е небитно кој од каде доаѓа. Фудбалот е простор каде што може да се победи таа дискриминација. ФФМ ја поздравува оваа иницијатива. Ќе се обидеме преку соработка со сите институции и наши партнери и соработници, со УНИЦЕФ, оваа кампања да отиде во секое училиште, во секој фудбалски клуб и да допре до секое дете, рече  Јандреоски. 

На настанот беше прикажан документарниот филм „Outraged“ и беше организирана панел-дискусија со фудбалери и креативна работилница со деца и фудбалери.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 3