Свет
УНИЦЕФ: Повеќе од 417 милиони деца живеат во сиромаштија, лишени од основните потреби
Нов извештај на УНИЦЕФ открива дека над 417 милиони деца ширум светот се борат со сиромаштија, лишени од најмалку две основни животни потреби, како што се адекватна исхрана и санитарни услови.
Објавен по повод денешниот Светски ден на детето, извештајот „Состојбата на децата во светот 2025: Искоренување на детската сиромаштија – наш заеднички императив“ алармира на тешката ситуација на милиони деца, врз основа на податоци собрани од над 130 земји.
Проценката на мултидимензионалната сиромаштија вклучува шест категории: образование, здравство, домување, исхрана, санитарни услови и вода.
Според извештајот, 118 милиони деца се соочуваат со три или повеќе облици на неисполнети основни потреби, додека 17 милиони страдаат од четири или повеќе.
Највисоки стапки на сиромаштија има во Потсахарска Африка и Јужна Азија.
Иако процентот на деца погодени од една или повеќе тешки неисполнети потреби е намален од 51 процент во 2013 година на 41 отсто во 2023 година, напредокот се забавува поради конфликти, климатски кризи, демографски промени и намалување на меѓународната развојна помош.
Извештајот, исто така, покажува дека повеќе од 19 проценти од децата во светот живеат во екстремна сиромаштија, со помалку од три долари дневно, при што речиси 90 отсто од овие деца живеат во Потсахарска Африка и Јужна Азија.
Во земјите со високи приходи, околу 50 милиони деца, 23 отсто од детската популација, живеат во релативна сиромаштија, што може да го ограничи нивниот секојдневен живот.
УНИЦЕФ истакна и позитивни примери.
Словенија ја намали детската сиромаштија за повеќе од една четвртина помеѓу 2013 и 2023 година, благодарение на системот на семејни додатоци и минималната плата.
Во Италија, релативната стапка на монетарна сиромаштија меѓу децата падна на 23,2 отсто во 2023 година, додека животниот стандард на децата е подобрен за 8,6 отсто во последните пет години, рече претседателот на УНИЦЕФ Италија, Никола Грацијано.
Во извештајот е нагласено дека без итни глобални и национални политики, децата и понатаму ќе бидат најранливата група погодена од сиромаштија и неисполнување на основните права.
ноември 20, 2025

