Свет
Стенергард ги демантираше „гласините“ за нов американски план: Повик за уште поостри санкции против Русија
Шведската министерка за надворешни работи, Марија Малмер Стенергард, оцени дека извештаите за наводен нов мировен план на САД за Украина се само „гласини“, порачувајќи дека во овој момент е клучно Западот да не попушти во притисокот врз Русија.
Во разговор за порталот Политико, Стенергард истакна дека таа лично „би сакала да види 100 пакети санкции“ против Руската Федерација.
Таа предупредува дека секое спомнување на мировни иницијативи, за кои тврди дека не постојат во реална форма, негативно влијае на западната стратегија.
– Штом се појават гласини за какви било тековни преговори, луѓето го губат фокусот. Засега, тоа не ни даде никакви резултати. Затоа мислам дека моја работа е да осигурам дека земјите од Западот ќе продолжат да го зголемуваат притисокот врз Русија и поддршката за Украина, бидејќи тоа всушност би можело да ги зголеми шансите за прекин на огнот, рече шведската министерка.
Стенергард наведе дека Европската унија би можела дополнително да ги прошири рестриктивните мерки, од санкционирање на бродови за кои се тврди дека превезуваат руска нафта, до зајакнување на притисокот врз компаниите со руски капитал.
– Би сакала да видам 100 пакети санкции, додаде таа.
ЕУ во октомври го усвои веќе 19-от пакет санкции против Русија, додека во ноември европската комесарка за финансиски услуги и инвестиции, Марија Луис Албукерке, најави подготовка на дваесеттиот пакет мерки.
Од друга страна, Москва порачува дека нема никакви нови мировни иницијативи. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, одговарајќи на прашање на агенцијата Тас, изјави дека Русија и САД не работат на никакви нови решенија во врска со Украина, освен она што е веќе договорено за време на средбата меѓу Владимир Путин и Доналд Трамп на Алјаска.
ноември 20, 2025

