Свет
Постигнат компромис: Турција домаќин на КОП31, а Австралија ќе претседава со преговорите
Турција ќе биде домаќин на Конференцијата на ОН за климатски промени следната година, додека Австралија ќе има важна улога во преговорите, јави ДПА.
Државниот секретар на Германија за животна средина, Јохен Фласбарт, за ДПА изјави дека Турција ќе биде „домаќин и претседавач“ на следната климатска конференција, додека Австралија ќе „претседава со преговорите“.
Ова е „многу необичен концепт кој сѐ уште не е практикуван“, рече функционерот, кој претседаваше со состанокот на кој беше договорен компромисот за време на актуелниот климатски самит во Белем, Бразил. Сега е потребна формална потврда на пленарната седница.
Со месеци се водеше спор меѓу Турција и Австралија за тоа кој ќе биде домаќин на големиот настан во ноември 2026 година.
Доколку не беше постигнат договор, самитот ќе се одржеше во германскиот град Бон, каде што е сместен Секретаријатот на ОН за климатски промени – нешто што германската Влада сакаше да го избегне по секоја цена.
– На Германија ѝ треба повеќе време за една конференција, објасни Фласбарт пред компромисот што сега е постигнат.
Организацијата на годишната климатска конференција се ротира меѓу светските региони, а групите држави мора да се договорат за домаќин – при што секоја земја има право на вето.
Договорот меѓу Канбера и Анкара предвидува австралискиот министер за климатски промени Крис Боуен да го преземе „претседателството за преговори“ на КОП31, додека Турција ќе биде домаќин на самитот, изјави австралискиот премиер Ентони Албанезе пред новинарите во Перт, нарекувајќи го тоа „извонреден резултат“.
– Наш приоритет беше да го поддржиме мултилатералниот систем, но и да постигнеме добар резултат за Австралија и Пацификот, рече Албанезе.
-Затоа се консултиравме со нашите пацифички соседи, разговарав со премиерот (Џејмс) Марапе (од Папуа Нова Гвинеја), разговарав со премиерот (Ситивени) Рабука од Фиџи. Она што го направивме е што дојдовме до извонреден резултат, рече тој.
Адис Абеба ќе биде домаќин на КОП32
Додека локацијата на самитот следната година сѐ уште беше неизвесна минатата недела, Адис Абеба беше избрана за домаќин на конференцијата во 2027 година.
Премиерот на Етиопија, Абиј Ахмед, рече дека неговата земја е едногласно поддржана за домаќин на КОП32 во Адис Абеба.
– Благодарни сме за можноста што ни ја дава Конференцијата на страните да го предводиме колективниот напор за справување со еден од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото, рече тој во петокот по донесувањето на одлуката.
– Чест ни е што глобалната заедница ни довери ваква важна одговорност. Ова признание ја одразува довербата во лидерството на Етиопија во климатската акција и нејзиниот капацитет да биде домаќин на големи глобални настани, посочи тој.
Индија е засега единствената земја која формално ја изрази својата намера да биде домаќин на конференцијата во 2028 година.
ноември 20, 2025

