Connect with us

Култура

Почнува јубилејното 50. издание на МОТ

Под насловот „Нашите во светот“, од денеска до 25 ноември ќе се одржува јубилејното 50. издание на Млад отворен театар (МОТ). Фестивалот ќе понуди внимателно селектирани претстави, концерти и изложба, а годинава го насочува вниманието кон македонските автори кои успешно создаваат надвор од границите на државата и постојано отвораат нови сценски хоризонти.

Јубилејното издание ја слави интернационалната видливост на македонската театарска мисла и ја истакнува вредноста на уметниците кои потекнуваат од нашата културна средина, а се етаблирале во европски и регионални театри. МОТ во 2025 година ќе ги донесе на домашна сцена нивните најнови претстави, создадени во театарски куќи во регионот и пошироко, овозможувајќи им на гледачите да ги видат делата на нашите режисери, актери и сценски автори кои создаваат надвор, но со јасен печат на македонската уметничка школа, вели Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.

Отворањето на фестивалот е со претставата „Лимени барабан“ (Лимениот добош) во режија и адаптација на Васил Христов, која е поставена на сцената на Југословенско драмско позориште во Белград. Во оваа претстава македонската екипа е проширена и со композиторот Никола Коџобашија, како и со авторот на сценографијата Константин Трпеновски.

Од самиот почеток, МОТ ги поттикнува домашните автори да го опипуваат просторот за работа надвор од сцените на земјата, им влевал храброст за сериозни исчекори со визијата која фестивалот ја има како отворен простор за нови идеи, за млад и алтернативен театар, како место каде што се судираат традицијата и авангардата, класичните сценски јазици и новите театарски естетики. Преку оваа отвореност кон експериментот, иновацијата и интернационалната размена, фестивалот придонесе за создавање на едно од највиталните и најживи културни јадра во земјата, посочува Арсов.

Со таква водилка се селектирани и останатите претстави кои ќе бидат изведени пред скопската публика, а меѓу нив и претставите на Андреј Цветановски „ Куќа на граница“ поставена во Регионално позориште Нови Пазар, Србија, во која како авторска екипа се јавуваат и Сергеј Светозарев, сценографија и костимографија и Димитар Андоновски како композитор.

Потоа претставите на Ѓорѓи Ризески „Поручникот од Инишмор“, Адриана театар од Урошевац, Косово, на Јана Маричиќ „Коштана“ поставена во Народното позориште во Ниш, Србија, на Ана Батева „Кучето се засмеа“ која игра во Спам театар во Софија, Бугарија, на Совран Нрецај „Граница“ ОДА театар Приштина, Косово, на Искра Шукарова „Врба“ и на Агнес Нокшиќи „Слугинки“. Во придружната програма, публиката ќе може да ужива во е имерзивниот ВР перформанс на Нина Николиќ и Борјан Стојков со наслов “Ехо од длабочината”, како и концертите на музичките состави “Zwada” и “Тhis is not” од Косово, во рамките на МОТ Музички блок програмата, како и изложба на Константин Трпеноски.

Затворањето на фестивалот е предвидено да биде со „Мајка храброст и нејзините деца“ во режија на Дејан Пројковски, во изведба на Новосадско позориште. Покрај Пројковски како дел од авторската екипа се и Олга Панго – кореографија, Валентин Светозарев – сценографија и Сергеј Светозарев автор на плакатот.

Авторка на годинешниот плакат на МОТ е Кристина Горовска.

Целосната програма и распоред на фестивалот можат да се погледнат на официјалната страна на фестивалот mot.mk, каде и ќе може да се набават и онлајн билетите.

Годинашната програма на фестивалот е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 4