Connect with us

Свет

ЕК предложи поедноставни дигитални правила за намалување на трошоците и поттикнување на инвестициите 

Европската комисија денеска промовираше Дигитален пакет, чија цел е намалување на трошоците и времето потребно за административни процедури за компаниите и поттикнување на можностите за иновации и инвестиции, со истовремено почитување на највисоките европски стандарди за основните права, заштита на податоците, безбедност и праведност. 

Пакетот вклучува предлози за поедноставување на правилата за вештачка интелигенција, за кибер безбедност и за заштита на податоци, како и за воведување на „Европски деловни паричници“, што ќе им понудат на компаниите единствен дигитални идентитет и многу полесно работење низ земјите членки на ЕУ. Се проценува дека поедноставените правила ќе ги намалат административните трошоците на компаниите за пет милијарди евра до 2029 година, а „деловните паричници“ би им донеле годишни заштеди од 150 милијарди евра. 

Според извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, ЕУ има таленти, инфраструктура и голем внатрешен единствен пазар, што се предуслов за успех, но европските компании, особено стартапите и мали бизниси, честопати се ограничени од многубројни ригидни административни правила.  

– Со намалување на бирократијата, поедноставување на законите на ЕУ, отворање пристап до податоци и воведување заеднички европски „деловен паричник“, даваме простор за иновациите да се случат и да се пласираат на пазарот во Европа. Ова се прави на европски начин: со осигурување дека основните права на корисниците остануваат целосно заштитени, додаде Виркунен. 

Еврокомесарот за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување Валдис Домбровскис, пак, оцени дека од клучно значење за зголемување на продуктивноста на ЕУ е поттикнување на иновациите и намалувањето на бирократијата.  

– Нашиот Дигитален пакет се стреми да ги направи и двете. Денешниот предлог претставува важен прв чекор во нашата агенда за дигитално поедноставување, со цел да се создаде поповолна деловна клима за европските компании, изјави Домбровскис. 

Според него, со поедноставување на правилата, намалување на административните оптоварувања и воведување пофлексибилни и пропорционални правила, ЕУ ќе продолжиме да ја исполнува својата обврска за обезбедување повеќе простор за иновации и раст за европските бизниси. 

Еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт истакна дека ЕК предлага целно насочени измени на Општата регулатива за заштита на податоци (ГДПР) за да ги одржи нејзината ефикасноста и интегритетот и воедно да одговори на повиците за поедноставување и хармонизирање на законодавниот акт. 

– Од суштинско значење е Европската Унија да дејствува за да се постигне поедноставување и конкурентност, а воедно да се одржи високо ниво на заштита на основните права на поединците. Токму тоа е рамнотежата што ја постигнува овој пакет, додаде Мекграт.  

Пакетот предвидува поедноставување на постојните правила за вештачка интелигенција, кибер безбедност и податоци, преку намалување на обврските за малите и средни претпријатија, проширување на мерките за усогласеност, зајакнат надзорот врз системите за вештачка интелигенција и упростување на постапката за известување за кибер инциденти. 

Со предлогот се предвидува и промена правилата за интернет колачињата, со тоа што се намалува бројот на известувања за колачиња што им се појавуваат на корисниците при отворање на веб сајт, овозможувајќи им со само еден клик и да ги зачуваат своите преференции за колачиња во прелистувачите и оперативниот систем. 

Пакетот опфаќа и Стратегија за унија на податоци, која вклучува дополнителни мерки за пристап до висококвалитетни податоци за вештачка интелигенција преку, воспоставување Правна служба за помош во примената на Законот за податоци и зајакнување на суверенитетот на податоците на Европа. 

Новина се предлогот „Европскиот деловен паричник“ за компаниите, што ќе им овозможи дигитализација на своите операции и интеракции, дигитално потпишување и ставање печати на документи, безбедно да креирање, складираат и размена на документи и сигурна комуникација со други бизниси или јавни администрации во сите земји членки на ЕУ, вклучително и за плаќањето даноци. 

Дигиталниот пакет од законски предлози сега ќе биде доставен за усвојување до Европскиот парламент и Советот на ЕУ.  

Денешните предлози се прв чекор од стратегијата на Комисијата за дигитално поедноставување и втор чекор од општата агендата за поедноставување. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2