Регион
Буџетот на Албанија за идната година 8,8 милијарди евра, со планиран дефицит од 637 милиони евра
Албанскиот парламент по 16-часовна дебата, со 83 гласови „за“ оние на владејачкото мнозинство, околу 3 часот утрово го усвои Предлог-буџетот за идната година.
Буџетот е проектиран на 8,8 милијарди евра, со планиран дефицит од 637 милиони евра.
Во заедничките фондови, околу 100 милиони евра се планирани за зголемување на пензиите, 135 милиони евра ќе се користат за рефундација на лекови, додека 50 милиони евра ќе одат за процесот за обнова, што подразбира обесштетување од природни непогоди.
Фондот наменет за 11 концесионерски договори планиран е на 120 милиони евра, што е помал износ во споредба со 123-те милиони евра што се очекуваат за тековнава година.
Кога премиерот Еди Рама излезе на собраниската говорница, да го образложи буџетот, опозициските пратеници, со исклучок на двајца, му го свртеа грбот. На тоа Рама реагираше со зборовите: ми го олеснивте обраќањето, подобро да ви го гледам грбот, отколку вашето лица“.
– Ова е историски највисок буџет, за консолидирање на одржлив социјален и здравствен раст. Предвидено е зголемувањето на платите, по категории, на наставниците, администрацијата, полицијата, здравствените работници и лекарите и медицинските сестри, и секако пензионерите. Пензиите ќе бидат 500 евра а просечната плата 850 евра, рече меѓу другото премиерот.
Најави дека до крајот на мандатот на оваа влада, 2029 година, негова цел е минималната плата во земјата да достигне 700 евра.
– Се зборува за даноци и фискално оптоварување, но сакам да додадам дека во случајот со големиот бизнис, ние сме земја што ги оданочува оние што заработуваат најмногу. Сакам да напоменам дека до 2029 година, малите бизниси и понатаму нема да плаќаат данок на добивка. Ние како држава има највисоко ниво на бизнис без ДДВ во цела Европа, посочи Рама.
Дебатата мина во тензична атмосфера а отстранет од собраниската сала беше пратеникот Агрон Шехај, од опозицијата. На истата не присуствуваше лидерот на ДП, Сали Бериша, кому му е одредена мерка 20 дена неприсуство во салата, поради неетичко однесување на последната седница.
ноември 20, 2025

