Connect with us

Свет

Трамп најави строги санкции за сите земји што тргуваат со Русија

Американскиот претседател  Доналд Трамп најави дека републиканците во Конгресот подготвуваат закон со кој би се вовеле санкции за сите земји кои тргуваат со Русија. Трамп додаде дека новите мерки би можеле да се однесуваат и на Иран, клучен воен сојузник на Москва.

– Секоја земја што тргува со Русија ќе биде многу строго санкционирана, изјави Трамп пред новинарите во Палм Бич, Флорида.

Предложената мерка е директно насочена кон Кина и Индија, како најголеми купувачи на руска енергија, пренесе „Бизнис Стандард“.

– Републиканците воведуваат многу строги закони, со кои се воведуваат санкции и слично за секоја земја што соработува со Русија. Можеби ќе го додадеме Иран на листата, тоа го предложив, рече Трамп додека разговараше со новинарите. – Секоја земја што соработува со Русија ќе биде санкционирана многу строги, потенцираше американскиот претседател.

Најавениот закон се надоврзува на низата акции што администрацијата на Трамп ги презеде во последните месеци. Во октомври беа објавени првите санкции против Москва, насочени кон двете најголеми руски нафтени компании – „Роснефт“ и „Лукоил“ – заедно со нивните подружници.

Станува збор за т.н. „Закон за санкционирање на Русија од 2025 година“ (Sanctioning Russia Act of 2025), предводен од републиканскиот сенатор Линдзи Грем. Овој закон би му дал широки овластувања на претседателот да наметне царини до 500 отсто на увозот од земјите што купуваат руска енергија (нафта, гас, ураниум), а не ја поддржуваат Украина, пренесува ЊузБајтс“ (NewsBytes).

Сепак, американското Министерство за финансии неодамна ги одложи санкциите против „Лукоил“, кои првично требаше да стапат во сила на 21 ноември, за да ѝ даде време на компанијата да го продаде својот имот во странство.

Вашингтон претходно оваа година, исто така, воведе царини од 50 отсто на стоките од Индија, еден од најголемите увозници на руска нафта. Како причина беше наведена упорноста на Њу Делхи во набавката и покрај предупредувањата дека може да следат секундарни санкции доколку Москва не покаже напредок во мировните напори во Украина.

Иако Трамп не понуди дополнителни детали за законот што се подготвува, тој рече дека Иран веројатно ќе биде меѓу целите. Од почетокот на руската инвазија на Украина, Иран се профилираше како клучен сојузник на Кремљ, снабдувајќи ги воените напори на Москва со оружје и воена опрема.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3