Скопје
Уредувањето на коритото на Мала Рада ќе го намали ризикот од поплави
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменковска-Трајковска, денес изврши увид во градежните активности за уредување на речното корито на Мала Рада, каде во напредна фаза се изградбата на потпорните ѕидови и уредувањето на самото корито.
Проектот, како што соопштија од Општина Кисела Вода, се реализира со средства обезбедени од Владата на Република Македонија преку програмата за капитални инвестиции финансирани од унгарскиот кредит, за кој Општина Кисела Вода аплицираше и доби одобрување во рамки на поддршката за општински проекти.
Реката Мала Рада се протега долж целото село Драчево, пред нејзиното влевање во реката Вардар, во должина од околу 2,5 километри. Рехабилитацијата на бетонските профили и санацијата на потпорните косини ќе овозможат поголема пропусност на водотокот и значително ќе го намалат ризикот од поплави, особено во зимскиот и пролетниот период.
-Како локална самоуправа остануваме фокусирани на конкретни и видливи резултати. Континуитетот во реализацијата на вакви капитални зафати е од исклучително значење, затоа што тие директно го подобруваат квалитетот на живот, ја зголемуваат безбедноста и ја уредуваат општината на начин што ја прави поубава и пофункционална. Веќе започнавме со реализација на една сериозна програма со бројни инфраструктурни и развојни проекти кои ќе ги опфатат сите населби и населени места, со јасна цел за стабилен, уреден и модерен развој на Кисела Вода, истакна градоначалничката Стаменковска-Трајковска.
ноември 15, 2025

