Култура
„Случајната смрт на еден анархист“ нова премиера на Штипски театар
Случајната смрт на еден анархист“е новата премиера на Народен Театар-Штип, во режија на Ивана Ангеловска, а по текст на Нобеловецот Дарио Фо. Режисерката Ангеловска на денешната прес-конференција рече дека со актерите од Штипскиот театар тргнале да направат претстава, којашто се занимава со истражување на вистината.
-Со истражување на перцепцијата на вистината, со манипулацијата на власт во однос на граѓаните, со манипулацијата и медиумите. Сакавме да отвориме некои прашања, за тоа како се креираат тие вистини, или се фабрикуваат официјални приказни на општествено ниво и се надевам дека успеавме да го направиме тоа. Станува збор за сатиричен текст, којшто е еден од најдобрите на современото општество, вели Ангеловска.
На денешната прес-конференција актерите Марија Минчева Андонов, Милорад Ангелов и Ефтим Трајчов Ѓаурски истакнаа дека процесот додека ја работеле претставата бил интересен, а оваа претстава ќе има и интеракција со публиката. В.д директор на Националната Установа Центар за култура „Ацо Шопов“-Штип, Пеце Ристевски истакна дека премиерата на новата претставата на Театар Штип е в сабота во 20 часот, а репризата е во вторник, во 20 часот. Во претствата играат Марија Минчева Андонов, Милорад Ангелов и Ефтим Трајчов Ѓаурски, Никола Кузелов, Стефанија Митовска и Ава Хусеини. Претставата се реализира преку Програмата на Министерството за култура и туризам.
ноември 15, 2025

