Connect with us

Општини

Расте бројот на заболени од дијабет во Куманово

Расте бројката на пациенти заболени од дијабет, регистрирани во Центарот за дијабет во јавната здравствена установа, Општа болница Куманово, информираа денеска лекарите од Центарот. Надлежните потсетија и на значењето на раното откривање, редовните контроли и здравиот животен стил како најдобра можност за борбата против болеста. Според д-р Марија Бајдевска Спирковска во Центарот за дијабет, месечно се проверуваат околу 800 до 1100 пациенти.

-Тоа не се само оние кои користат инсулин, туку генерално оние што се прегледуваат. Станува збор за лица со различни состојби, од веќе дијагностицирани пациенти до луѓе со преддијабет, состојба која претходи на дијабетесот и која e важна навреме да се открие за превенцијата. Апелирам редовно да се прават контроли, еве денеска можат да направат обична лабораторија или во аптеките најчесто на вакви денови има бесплатно мерење на шеќер во крв, изјави д-р Бајдевска Спировска.

Таа нагласи дека секоја вредност над шест е причина за загриженост и треба да се упатат пациентите да почнат да прават редовни контроли. Според докторката, и во фазата на преддијабет започнуваат оштетувања на малите крвни садови кои подоцна водат кон сериозни компликации, срцеви заболувања, мозочни удари, оштетување на бубрезите и видот. Преддијабетот е моментот кога вредностите на шеќерот се покачени, но недоволно за дијагноза дијабет.

Во Куманово моментално 424 пациенти се на инсулинска терапија, од кои 143 се деца со тип 1 дијабетес.

-Бројките на државно ниво се огромни, а секоја година растат. Особено загрижува појавата на прекумерна тежина и метаболички ризици кај децата, предупредува д-р Бајдевска.

Како главни причини ги издвојува, седентарниот стил на живот, недоволната физичка активност, нездравата и процесирана храна, навиките кои почнуваат уште од најмала возраст.

Докторката потенцира дека дијабетесот во голем дел може да се спречи со умереност и со избалансирана исхрана.

-Сите треба да јадеме сè, само умерено. Во чинијата да има салата, месо и јаглехидрати. Никој не може да живее без јаглехидрати, но разликата е дали ќе изедеме осминка бурек или две четвртини. Во македонската кујна, премногу се застапени оризот, компирите, тестенините и пити, храна која брзо го покачува шеќерот. Нашите баби и дедовци јаделе слична храна, но биле  физички активни. Денес седиме премногу, вели докторката.

Кампањите и апелите се важно, но сè почнува во семејството, начинот и стилот на живот, важна е и умерената физичка активност и балансирана исхрана.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3