Општини
Отворена првата научна конференција за геријатриска и палијативна грижа во Скопје
Со повик за итно стратешко планирање и силна интерсекторска соработка, вечерва, во Скопје беше отворена првата годишна научна конференција посветена на развојот на геријатриската и палијативната грижа, на која присуствуваа претставници од државните институции, академската заедница и меѓународните организации.
Директорката на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“, Ленче Нелоска, истакна дека системот се соочува со сериозни предизвици почнувајќи од недостиг на кадар, до ограничени капацитети и недоволна регионална распределеност на услугите. Во своето обраќање Нелоска подвлече дека Установата има повеќедецениско искуство, но и дека на институциите им претстои голема работа.
„Секоја пресметка и секое прашање во оваа област е одраз на нашата социјална одговорност кон најранливите. Ако денес не поставиме мрежа на установи, капацитети и стручен кадар, за кратко ќе се соочиме со безизлезност каква што веќе гледаме во многу земји“, истакна Нелоска.
Директорката предупреди дека, и покрај постојните програми, државата нема доволно капацитети, регистри и кадровски решенија за брзото стареење на популацијата и затоа, како што рече, е нивната иницијатива за категоризација на пациенти и категоризација на установи, како и вклучување на локалната самоуправа во правењето на регистрите и листите на потреби.
„Она што сметам дека е итно и најпотребно е категоризација на пациентите според дијагноза, степенот на попреченост и зависност од туѓа помош. Паралелно со тоа, неопходна е и категоризација на установите, било да се јавни или приватни, дом за сместување, дом за нега и болница за долготраен престој. Специјализираната болница 13 Ноември е единствената болница за долготраен престој, и затоа е неопходна регионализација на овој тип установа“, рече Нелоска.
Во државата, вели, функционираат пет-шест домови за стари лица со околу 1.600 корисници во приватните и 630 во државните домови, што е под оптималната потреба. Според неа, неопходни се регионализација на геријатриските кревети, категоризација на пациентите и установите, како и поставување јасни патеки за движење на пациентите низ системот.
Министерот за здравство Азир Алиу, пак, во своето обраќање ја нагласи важноста од креирање политики засновани на податоци и реални потреби, прилагодени на демографските промени.
„Постарата популација е хард диск на нашето општество, носител на мудрост и историја. Нашата задача е да создадеме систем што ќе нуди достоинствен живот, не само со години, туку со вредни и исполнети денови“, изјави Алиу.
Алиу порача дека новите здравствени политики мора да се темелат на податоци, демографија и реални потреби.
„Како министер за здравство сакам да креирам политики базирани на податоци и на потреби. Како што популацијата и демографијата се менуваат, така со менувањето на граѓанинот треба да се менува и инфраструктурата на здравството. Така што ќе креирам и понатаму политики кои се потребни за оваа популација и инфраструктура која е потребна“, рече Алиу.
ноември 15, 2025

