Општини
Ивана Ѓорѓиевска е избрана за претседателка на Советот на општина Куманово
Ивана Ѓорѓиевска е старо-нова претседателка на Советот на општина Куманово. Неа ја изгласаа мнозинството советници на денешната конститутивна седница. Ѓорѓиевска доаѓа од движењето ЗНАМ и беше претседател на советот во минатиот состав. Таа вети дека ќе се заложи за конструктивна дебата на советниците за реализација на проекти важни за Куманово.
Претседателката на Советот во свечениот говор најави соработка со сите советници без разлика на политичката припадност, вера или етничка припадност во интерес на реализација на проекти. Таа повика на соработка, конструктивна критика, но најави дека нема да толерира ниско ниво на комуникација.
-Локалните избори завршија мислам дека време е раните да ни заздрават, да седнеме како советници да направиме сѐ што може да направиме и поединечно и како политички партии за развојот на општината и за решавање на некои проблеми кои се од суштинско значење за нашите граѓани. За мене како претседателка на совет ќе биде приоритет јавните претпријатија да си ги ставиме на нозе, да можат да пружат квалитетна услуга до нашите сограѓанин, да се среди комуналниот ред, да се реши сообраќајниот хаос и хигиената на градот, затоа што сите тоа го ветувавме како политички партии во локалните избори. Престои период во којшто ќе донесуваме многу суштински одлуки за граѓаните на општина Куманово. Од вас советници очекувам само конструктивна расправа и идеи предлози како да се како да се решат проблемите на нашите сограѓани во општина Куманово, имаме помош од влада на Република Македонија имаме проекти кои допрва ќе се градат, рече Ѓорѓиевска.
Таа најави дека скоро ќе почнат покрупни проекти и ги замоли кумановци за трпение при реализацијата. Ѓорѓиевска најави и соработка со невладините организации и бизнис заедницата. Претседателката на советот заблагодари на поддршката на сите, но и на опозицијата од кои дел од нив, Коалицијата НАИ, претходно ја напушти седницата бидејќи „не се задоволни од реализација на проекти за маала каде живеат етнички Албанци и побараа употреба на албанското знаме“. Независните советници пак побараа претседател на совет да биде носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ, оти како што кажаа „тоа го ветиле во својата кампања“.
Претходно на седницата се обрати и градоначалникот, Максим Димитриевски кој им посака плодна работа на советниците.
-Чест и задоволство да присуствувам денеска на првата конститутивна седница на Советот во овој состав и во оваа прилика сакам да испратам искрени честитки до сите вас како членови на советот да ви посакам плодна и успешна работа. Воедно, да посакам да се водиме од општиот граѓански интерес при носење на сите одлуки и нивно извршување. Во иднина од моја страна како новоизбран градоначалник во општина Куманово нашата обврска е на прво место кон граѓаните, а потоа и кон нашите политички субјекти коишто ние ги претставуваме. Како градоначалник стојам на располагање на сите советници членови на советот без разлика на нивната политичка припадност или политичка различност се со цел да ги унапредиме животните услови на нашите граѓани да го трансформираме нашиот град во поубаво место за живеење, рече Димитриевски.
Седницата ја водеше најстариот советник, д-р Срѓан Ѓорѓевиќ од ДПСМ. Членовите на советот ја дадоа свечената изјава, беше интонирана македонската химна. На свечената седница присуствуваа пратеници, претставници од Владата, општинската администрација, Мисијата на ОБСЕ.
ноември 15, 2025

