Свет
ЕУ за изборите во Ирак: Политичките актери да формираат Влада што ја одразува волјата на ирачкиот народ
ЕУ „ги пофалува“ жителите на Ирак за остварувањето на нивното демократско право на глас на парламентарните избори одржани на 11 ноември, кои претставуваат важна можност земјата да ги зајакне своите институции, да обезбеди инклузивност и одговорност и да ја консолидира својата политичка иднина, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
– Ги поздравуваме напорите на сите вклучени во организирањето и олеснувањето на ова гласање, вклучувајќи ги ирачките власти, Независната висока изборна комисија и граѓанското општество, се вели во соопштението.
ЕЕАС посочува дека прелиминарните извештаи покажуваат поголема излезност отколку на претходните избори во 2021 и 2018 година и дека ЕУ „сега ги охрабрува политичките актери да го поддржат формирањето Влада што ја одразува волјата на ирачкиот народ“.
Во соопштението се наведува дека како одговор на поканата на Ирачката независна висока изборна комисија, ЕУ распоредила своја експертска мисија во земјата со задача да го анализира изборниот процес и нејзините наоди ќе им бидат презентирани на властите на Ирак.
– ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за единството, суверенитетот и територијалниот интегритет на Ирак. Стабилноста на Ирак е уште поважна во услови на променлив геополитички контекст на Блискиот Исток. ЕУ е подготвена да продолжи да го придружува Ирак како партнер во унапредувањето на неговата демократска и реформска агенда и обезбедувањето мирна иднина, се додава во соопштението.
ноември 15, 2025

