Култура
Ново издание на „Битола Шекспир фестивал“
НУ Народен театар-Битола својот 81 роденден годинава ќе го одбележи со свечено отворање на „Битола Шекспир фестивал“.
На прес конференција во Битола, директорот на таа национална установа истакна дека утревечер за публиката и по подолго време ќе има премиера, а тоа е претставата „Макбет“ со која ќе се отвори фестивалот.
-Преставата е спектакл кој подолго време не е виден во битолскиот театар. Тоа е претстава која отвора нови димензии на размислување за тоа како Шекспир може да се постави бидејќи трагедииите на Шекспир може да бидат на работ на комедија, гротеска, епска драма и трагедија. Ова е епохално дело кое ќе се памети во Битола. Фестивалот ќе се одржи во овој дел на годината затоа што сметавме дека културата не треба да биде концентирирана само во лето и во овој период луѓето повеќе сакаат да се во театар, истакна Мавровски.
На „Битола Шекспир фестивал“ ќе бидат изведени претстави од Полска, САД, Бугарија, Хрватска, но и македонски проекти, а посебен гостин во градот ќе биде Филип Пар претседател на европската асоцијација на Шекспир фестивали.
-Мислам дека успеавме да направиме програма што е достојна за Шекспир фестивалот и бидејќи сите претстави се вклопени во нашиот буџет без да имаме долг кон никого, ние одлучивме сите претстави да ги подариме на публиката и затоа влезот е бесплатен. Така ќе биде секоја година и се додека јас сум директор на НУ Народен театар-Битола, влезниците за „Битола Шекспир фестивал“ ќе бидат бесплатни, нагласи Мавровски.
Во изјава за медиумите, уметничкиот директор на „Битола Шекспир фестивал“, Благој Мицевски истакна дека 11-то издание на културниот настан има повеќе придобивки за битолскиот театар.
-Нашиот театар во Македонија е познат по соработката со интернационални режисери и со интернационално претставување како ниту еден друг, и тоа е голема придобивка. Ние го носиме светот кај нас, и светот не внесува насекаде. Соработката со други режисери од светот е соработка со други култури, а тоа е нова енергија и слика, уникатна. Во Битола наши гости ќе бидат Филип Пар од Англија, Џон Блондел уметнички директор на „Шекспир фестивал“ во Верона, потоа Влад Драголеску од Крајова, Сабо Иштван од Унгарија воедно режисер на новата премиера „Макбет“ со која очекуваме да гостуваме во Будимпешта и други гости, посочи Мицевски.
Најновото, 11-то издание на „Битола Шекспир фестивал“ ќе се одржи од 14 до 21 ноември на сцените на НУ Народен театар-Битола.
ноември 14, 2025

