Connect with us

Скопје

Доделени наградите „13 Ноември“ на Град Скопје за 2025

Да го направиме град што ќе биде пример, уреден, зелен и безбеден. Град што ќе дише, што ќе спојува, што ќе инспирира. Да го направиме Скопје град што ќе им служи на луѓето и ќе им дава причина да се гордеат што се негови жители, порача вечерва градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски на доделувањето на наградата „13 Ноември“.

Денес покрај сеќавањето, како што рече, оддаваме и признанија на сите оние кои го градат духот на нашиот град.

– Наградата „13 Ноември“ е благодарност за луѓето кои со својата работа, знаење, човечност ја продолжуваат заеднички да ја водат борбата за подобро Скопје. Вашата работа и успех се доказ дека духот на Скопје живее и денес, во секој што создава, што се грижи и што ја гради иднината со срце и пред се посветеност. Да живее слободно Скопје, рече Ѓорѓиевски во Националната опера и балет.

Наградата „13 Ноември“ ја доделува Град Скопје по повод денот на неговото ослободување во Втората светска војна. Наградата се доделува за граѓани и организации во повеќе категории, како култура, наука, уметност…

Градоначалникот Ѓорѓиевски им ги врачи наградите на годинашните добитници. Маријан Патлиџанковски е добитник на наградата „13 Ноември“ во областа на публицистика, м-р Весна Недановска во образование и воспитание, а Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје и Сузана Марковска се добитници во областа на културата.

Д-р Маријан Бојаџиев е добитник на оваа награда во областа на науката, Димо Илиев во уметноста, а проф. д-р Марија Јовановски Срцева за здравствена заштита. Во социјалната заштита е наградена Делвина Крлуку, а во спортот наградата оваа година ја добија македонскиот спортски новинар Зоран Михајлов и Кристијан Јанев. Наградата „13 Ноември“ на лице од друга држава годинава се доделува на д-р Волфганг Давид, а Андреј Тасиќ е награден во областа ученици и студенти.

На доделувањето на наградите присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, градоначалници од скопските општини и советници, кои проследија културно-уметничка програма.

Утрово, Ѓорѓиевски ја одржа и традиционална средба по повод 13 Ноември со претставници од Градскиот одбор на Сојузот на борците од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија и им оддаде почит на паднатите херои пред Споменикот на ослободителите на Скопје и споменикот на генерал Михајло Апостолски.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1