Connect with us

Скопје

Д-р Спасе Јанев: Бесплатни ПСА – тестови во Здравствен дом „Железничар“ за месецот на машкото здравје

Бесплатни ПСА – тестови во Здравствен дом „Железничар“ ќе се реализираат од денеска за месецот на машкото здравје. Секој четврток од 11 до 13 часот ќе може да се направи тестот до крајот на ноември.

Директорот на установата, специјалист доктор Спасе Јанев потсети дека лани на овој начин за првпат беше поддржано движењето „Мовембер“ и во нашата држава. Негово залагање е ова да стане традиција, здравствена установа бесплатно да ги нуди овие услуги.

– Во нашето општество, како и во другите земји, жените обрнуваат повеќе внимание на своето здравје, од женски аспект, посетувајќи гинеколози, правејќи пап-тестови, ехо на дојки, мамографија, додека мажите тоа го прават поретко или не обрнуваат внимание. Токму затоа, решивме ланската година да направиме нешто ново, во однос на грижата за здравјето на мажите и да го поддржиме движењето Movember, кое е движење во светски рамки и овде во Македонија. Јас, како раководител на Здравствениот дом „Железничар“ во Скопје, решив да го направиме тоа со бесплатни ПСА прегледи, лабораториски тестови за простата специфичниот антиген, за нашите сограѓани од машка популација. Тоа беше направено минатата година во текот на месец ноември и моето залагање е тоа да стане традиција секоја година, здравствена установа бесплатно да ги нуди тие услуги со цел да ја подигнеме свеста за здравјето на нашите сограѓани од машка популација, вели Јанев.

Ланското искуство покажало дека параметрите на ПСА се движат најчесто во нормала, но кај 27 отсто од испитаниците било над нормала. Тоа, како што појасни Јанев, не значи дека веднаш се има канцер на простата. Но, по ПСА тестот, ако има зголемување, да се испратат пациентите на понатамошни иследувања.

– Подобро да превенираме, отколку да лечиме. Затоа велиме дека е важно да се направи тестирање, преку ПСА, ако вредностите се зголемени, треба да ги следиме пациентите и да продолжиме со соодветни прегледи кај уролог. Токму на тој начин можеме да ги спречиме сите проблеми на време, а ако е потребно, да започнеме со третман. Тоа е добар начин за спречување на канцерот, што е подобро за самата индивидуа, за неговото семејство, а и за здравствениот систем, кој ќе се растовари од тежината на канцерот на простата. Целта на Здравствениот дом „Железничар“ е да ги понудиме тие услуги како дел од нашата грижа за здравјето на нашите сограѓани. Затоа, благодариме што можеме да бидеме пионери во оваа иницијатива, која е за добро на сите, нагласува Јанев.

Лани имало околу 500 анализи на машки лица, не само од Скопје, туку и од други населени места низ државата.

– По 40-та година, убаво е секој маж да посети уролог, да направи ПСА – тест. Минатата година беше кажано дека проверување на само една капка крв, може да спаси нечиј живот. Затоа, нема оправдување дека се нема време, советува Јанев.

Тој најавува дека се планираат и бесплатни мамографски тестови за женската популација во Здраствениот дом „Железничар“, за што има соодветни услови.

Посочува дека Здравствениот дом „Железничар“ е една од најстарите здравствени установи во нашата држава, основан во далечната 1923 година. Устанивата нуди високо ниво на секундарна здравствена заштита во Скопје, и тоа во комбинација со Здравствениот дом Скопје.

– Горд сум на тоа што ги имаме едни од најдобрите специјалисти во сите области. Ќе ги поздравам докторите кои се носители на оваа мисија, но и да не ги заборавиме сите други работници и медицински сестри, кои рамо до рамо работат со докторите. Имаат сите специјалистички дејности. Буквално, се што му е потребно на еден сограѓанин, да се испита и провери, го има кај нас. Кога ќе влезете во една институција, се вршат сите испитувања. Влегувањето во Здравствениот дом „Железничар“ ви дава можност да ги проверите сите параметри на здравјето, така да може да кажам дека сме целосно заокружени. Буквално сите специјалистички дејности ги имаме кај нас, и се на највисоко ниво. Буквално се грижиме за здравјето на нашите сограѓани. Ако некој плаќа здравствено осигурување, има право на услуги кои се обезбедени во здравствените установи. Ние се трудиме да обезбедиме што подобри услови и да им го озвозможиме правото на најдобра здравствена услуга, вели директорот на Здравствениот дом „Железничар“, Спасе Јанев.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2