Connect with us

Култура

Во Загреб отворена изложба на Марија Сотировска Богдановска

Во Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб синоќа беше отворена изложбата „Со и без“ на уметницата Марија Сотировска Богдановска, која нуди плодна почва за феминистичко-теоретска интерпретација, особено во однос на често невидливите и потценети аспекти на трудот – финансиски и емоционален – што најчесто ги погодуваат жените во сè уште патријархално доминантните семејства на Балканот.

Изложбата ја отвори директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, која истакна дека „Со и без“ е интерактивна инсталација што инсистира на активен гледач и учесник, во релација со аспектите на рутината на дневниците и архивите кои не’ соочуваат со поголемите универзални проблеми на родовата нееднаквост и економската зависност.

Кураторката на изложбата, д-р Ана Франговска, истакнува дека „Со и без“ може да се гледа како феминистичка критика на невидливите структури кои ги дефинираат животите на жените. Со тоа што ги прави видливи линиите, циклусите и невидливите натписи што ги структуираат просторите на инсталацијата, уметницата ги поканува гледачите да размислат како истите тие сили дејствуваат во животот на жените – често незабележано и непризнаено. Инсталацијата се усогласува со целта на феминистичката теорија за разоткривање и предизвикување на скриената динамика на моќта, трудот и емоционалниот товар што непропорционално влијае на жените и во јавната и во приватната сфера.

Марија Сотировска Богдановска е дипломиран сликар со реставрација и конзервација, а потоа се стекнува со научното звање магистер по ликовни уметности од областа сликарство, на тема „Артифициелноста на Маријола“, под менторство на проф. Благоја Маневски, на Факултетот за ликовни уметности во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. На истиот факултет таа денес е доцент по сликарство и трансмедиумски практики.

Има реализирано бројни самостојни и групни изложби во Македонија и во странство – во Куманово, Скопје, Струмица, Берлин, Софија, Белград, Гнилање, Подгорица, Загреб, Сплит, Прага, Москва, Пекинг и други.

Сотировска Богдановска е ко-автор и една од основачките на Сликарската тајфа „Св. ап. Лука” при МПЦ, со која има реализирано повеќе монументални проекти од применетата уметност низ земјава и странство, меѓу кои и иконостасот за црквата „Св. Злата Мегленска“ во Загреб.

Таа е исто така една од основачките на групата АРТ И.Н.С.Т.И.Т.У.Т. и дел од женската група МОМИ, кои имаат реализирано десет изложби во земјава и во странство.

Изложбата „Со и без“ на Марија Сотировска Богдановска е поддржана од Министерството за култура и туризам, а во македонскиот КИЦ во Загреб ќе биде поставена до 16 ноември, каде сите заинтересирани љубители ќе можат да ја погледаат во присуство на авторката.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1