Connect with us

Свет

Британскиот министер за здравство негира дека има заговор за смена на Стармер

Британскиот министер за здравство Вес Стритинг ги отфрли тврдењата дека планира да го предизвика премиерот Кир Стармер за лидерската позиција на владејачката Лабуристичка партија, нарекувајќи ги „самоуништувачка бесмислица“, иако бројни извори велат спротивно.

Стритинг му порача на Стармер дека треба да ги отпушти оние кои во медиумите пуштаат такви приказни.

Некои сојузници на Стармер синоќа изразија сомнеж дека неговата позиција може да биде „веднаш загрозена“, а меѓу потенцијалните противници посебно го спомнуваа Стритинг.

Во изјава за Би-Би-Си, британскиот министер за здравство рече дека „не може да замисли ниедно сценарио во кое би му го направил тоа на премиерот“.

– Овие напади се најлошото што му се случило на лојален член откако Џо Марлер беше исфрлен од финалето на серијата The Traitors, рече Стритинг во шега, додавајќи дека „оние кои шират гласини треба помалку да гледаат Celebrity Traitors, а повеќе Countryfile.“

Тој ја пофали новата заменичка на премиерот Луси Пауел поради коментарите за „токсичната култура во канцеларијата на премиерот“ и додаде: „Барем овој пат се одлучија да нападнат еден маж во кабинетот, а не жени.“

На прашањето дали премиерот треба да ги отпушти оние кои стојат зад протекувањето информации, Стритинг одговори: „Да, но прво треба да ги најде. Не очекувам дека ќе трошат многу време на тоа“.

Во политичките кругови се споменуваат и други имиња кои би можеле да влезат во лидерската трка доколку дојде до тоа – министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд, министерот за енергетика Ед Милибанд и поранешната министерка за транспорт Луиз Хејг.

Еден министер изјави дека Стармер „ќе ја брани својата позиција“, споредувајќи ја ситуацијата со локалните избори во 2021 година, кога Лабуристичката партија ја изгуби изборната единица Хартлпул, а Стармер тогаш размислувал за оставка. „Ова не е момент како Хартлпул“ рече тој и додаде: „Тој е еден од само двајца луѓе кои во последно време победиле општи избори за Лабуристите. Би било лудо да се обидувате да го соборите по само 17 месеци“.

Според правилата на партијата, за покренување на внатрепартиски предизвик потребно е 20 проценти од лабуристичките пратеници, моментално 81, официјално да го номинираат противкандидатот.

Џо Вајт, претседателка на групата пратеници на Лабуристите од таканаречените „Red Wall“ изборни окрузи, во програмата Today на Би-Би-Си изјави дека „ова не е ниту време ниту место за ширење гласини за борба за лидерство“.

– Тоа се луѓе кои мислат дека се попаметни од сите нас. Се протекува селективно до новинарите, а ние им велиме: „Доста,“ рече Вајт. „Мислам дека во кабинетот на премиерот напаѓаат погрешна личност кога одат против Вес.“

И покрај убедливата победа на Лабуристичката партија на изборите во јули 2024 година, Стармер се соочува со пад на популарноста и сè поголемо незадоволство во партијата во последните месеци. Резултатите од анкетите покажуваат дека јавната поддршка за премиерот е во пад, а многумина во Лабуристичката партија стравуваат од сериозни порази на регионалните избори во Шкотска и Велс, како и на локалните избори во Англија следната година.

Еден висок лабуристички пратеник за Би-Би-Си рекол: „Лесно е да се каже да почекаме локалните избори, но тоа значи дека ги праќаме нашите активисти директно во оган. Не можам да си дозволам да ги изгубам сите советници“.

Друг извор додал дека причините зошто некој би можел да покрене промена на лидерството по донесувањето на буџетот растат од ден на ден.

– Ако Вес собере храброст и повлече потег, можеби до Божиќ ќе стане премиер, рекол изворот.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2