Свет
Киев и Букурешт ги отфрлија руските тврдења за обид за кражба на МиГ-31
Киев и Букурешт денеска ги отфрлија обвинувањата на Москва дека Украина и Велика Британија наводно се обиделе да го пренасочат рускиот ловец МиГ-31 со хиперсонична ракета „Кинжал“ кон Романија, со цел провокација против НАТО-базата во Констанца.
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека ја спречила „операцијата на украинското разузнавање и неговите британски покровители“, но не понуди докази.
Украинскиот центар за борба против дезинформации, орган на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, ги нарече обвинувањата „пропаганда“.
„Ширењето вакви лажни обвинувања е типична тактика на руските разузнавачки служби“, посочи Центарот во објава на социјалните медиуми.
Портпаролот на романското Министерство за надворешни работи, Андреј Чернеа, ги опиша обвинувањата како „фиктивни“ и ги спореди со „советски шпионски роман“ во соопштение објавено во „Икс“. „Сепак, руските агресии и провокации се реални, кои овие приказни за авиони и шпиони се обидуваат да ги прикријат“, нагласи портпаролот.
Во видео објавено од ФСБ, човек со прикриено лице, претставен како пилот, тврди дека му било понудено три милиони долари и западно државјанство ако го убие командирот и го однесе авионот во Романија.
ФСБ наведе дека, како одговор, руските сили извршиле удари со ракети „Кинжал“ врз центар за електронско извидување во Бровари, во предградието на Киев, и врз воздухопловната база Старокостјантинов во Хмелничка област.
ноември 12, 2025

