Connect with us

Регион

Мицотакис: Грција има централна улога на меѓународната енергетска сцена

Многу работи беа кажани и многу ќе се кажат за овој историски дводневен настан што во 48 часа ги опфати повеќегодишни напори за претворање на нашата татковина во енергетски центар за поширокиот регион, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Фејсбук, во неговата традиционална недела објава, овој пат осврнувајќи се на состанокот на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC), јави дописничката на МИА од Атина.

Енергетскиот форум се одржа во четвртокот и петокот во грчката метропола, со учество на двајца американски секретари и над 20 министри за енергетиката, меѓу кои и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

– Она што го доживеавме во Атина беше јасна потврда на централната улога на нашата татковина на меѓународната енергетска сцена. Грција, благодарение на политичката стабилност, заемната доверба со САД, на нашата важна енергетска инфраструктура, но и на силата на грчкото поморство, го презема транспортот на американската енергија на нашиот континент во соработка со САД, напиша грчкиот премиер.

За „Вертикалниот коридор“, што ги поврзува Грција-Бугарија-Романија-Молдавија-Украина, но и Словачка и Унгарија, почнувајќи од Александруполи, посочи дека „треба да стане централна енергетска артерија во источна Европа и клучна алатка за енергетската независност на континентот од рускиот гас“, со што ќе се обезбеди „енергетска и геополитичка безбедност за Грција во наредните години“.

– Нашата доследна позиција против руската инвазија на Украина и енергетската зависност на Европа од Русија е наградена, напиша Мицотакис.

Се осврна и на договорот за отпочнување дупчења за потенцијални наоѓалишта на природен гас северозападно од Крф и посочи дека „доколку се потврдат прогнозите за значителни наоѓалишта, Грција може да ги покрие своите потреби за природен гас за многу години“.

Дополнително нагласи дека сите овие иницијативи „ја зајакнуваат енергетската самостојност и безбедност на земјата, преку инвестиции во диверзификација на енергетските извори“, но и дека ќе отворат илјадници нови работни места, ќе донесат подобри плати, развој на локалните заедници, подобри цени на енергијата за домаќинствата и бизнисите.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1