Регион
Шест кандидати ќе се борат за претседателската функција во Република Српска
Предизборната кампања за предвремените претседателски избори во босанската Република Српска (РС) започна денеска, а кандидатот на владејачката партија уште на почетокот испрати сигнал до потенцијалните гласачи дека гласањето е практично референдум за нивото на одобрување на сменетиот поранешен лидер Милорад Додик, јави Хина.
Предвремените избори за претседател на Република Српска беа распишани откако мандатот на Додик беше прекинат по конечна судска одлука со која беше осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради непочитување на одлуките на Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина.
„Време е да го потврдиме мандатот што народот му го даде на претседателот Милорад Додик пред три години. Овие избори не се обични. Тие се плебисцит во кој мораме да ја браниме и потврдиме волјата на народот“, напиша Синиша Каран, кандидатот на владејачката коалиција предводена од Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД) на Додик, во објава на социјалната мрежа Икс.
Каран во моментов е министер за научно-технолошки развој и високо образование во Владата на Република Српска. Пред тоа, со години беше министер за внатрешни работи и се смета за верен сојузник на Додик, познат по своите проруски и националистички позиции, забележува хрватската агенција.
Поранешен полициски службеник во годините пред војната во Босна, Каран беше вклучен во списокот со санкции на САД – од кој подоцна беше отстранет заедно со Додик – поради учество во подготовка на закон за потенцијално отцепување на Република Српска од Босна и Херцеговина.
Негов главен ривал ќе биде Бранко Блануша, поддржан од мнозинството опозициски партии. Професор на Факултетот за електротехника во Бања Лука, Блануша влегува во трката со ограничено политичко искуство, но верува дека може да го победи Каран, повикувајќи се на аргументот дека на мнозинството луѓе во Република Српска им е преку глава од политиката на Додик, обележана со постојани кризи, тензии и широко распространета корупција.
На изборите закажани за 23 ноември ќе учествуваат и други четворица кандидати, но аналитичарите оценуваат дека никој од нив нема реални шанси за победа, посочува Хина.
Според Дејтонскиот мировен договор, со кој заврши војната во Босна (1992-1995 година), земјата е поделена на два полуавтономни дела – Република Српска, населена претежно со босански Срби, и муслиманско-хрватската Федерација Босна и Херцеговина. Секој ентитет има своја влада, парламент и полиција, но двете се поврзани преку заеднички институции на државно ниво. Во Дејтонскиот договор е регулирана и улогата на Високиот претставник на меѓународната заедница, кој има широки овластувања, вклучително и наметнување закони и отпуштање на официјални лица.
ноември 9, 2025

