Свет
Историска средба на претседатели на Боливија и Чиле по 19 години
Претседателот на Чиле Габриел Борич му честиташе на новиот претседател на Боливија Родриго Паз по неговото стапување на должност на прва средба меѓу шефови на држави на двете земји по 19 години, гест што означува промена во односите, кои беа обележани со прекин на дипломатските врски во 1978 година и децении на тензии поради барањата на Боливија за излез на море, пренесе ЕФЕ.
Борич ја нагласи „важноста од продлабочување на врските и зајакнување на заедничката работа“ меѓу двете земји.
Тензиите меѓу нив достигнаа критична точка во 2013 година, кога Боливија поднесе тужба против Чиле пред Меѓународниот суд на правдата, барајќи суверен излез на Тихиот Океан – барање кое беше отфрлено во 2018 година.
Во соопштение до медиумите, чилеанската влада истакна дека Борич „одржал протоколарна средба со претседателот Паз за да му честита и да му посака успех во неговото владеење, како и да разговара за важноста од продлабочување на врските и зајакнување на соработката во области како што се граничната контрола и Двостраниот чилеанско-боливиски деловен совет“.
Исто така, се нагласува дека „19 години чилеански шеф на држава не присуствувал на смена на власта во Боливија – по учеството на претседателот Рикардо Лагос на првото стапување на должност на Ево Моралес во 2006 година“.
Чилеанската влада посочи и дека соработката меѓу двете земји „се засилила во последниве години“ со низа договори потпишани меѓу 2023 и 2024 година, за зајакнување на „акциите против транснационалниот организиран криминал“.
На церемонијата на инаугурацијата на Паз присуствуваа и претседателите на Аргентина – Хавиер Милеи, на Еквадор – Даниел Нобоа, на Парагвај – Сантијаго Пења, и на Уругвај – Јаманду Орси, како и заменик-државниот секретар на Соединетите Држави, Кристофер Ландау.
ноември 9, 2025

