Свет
Германија го одбележува 9 ноември со повик за одбрана на демократијата
Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска ќе биде домаќин на церемонија по повод значајните настани поврзани со 9 ноември во германската историја – прогласувањето на Републиката во 1918 година, нацистичките погроми врз Евреите во 1938 година и падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, јави ДПА.
Според најавата, Штајнмаер ќе одржи говор во неговата резиденција – палатата Белви во Берлин – со фокус на потребата од заштита на германската демократија.
Од кабинетот на претседателот беше соопштено дека 9 ноември „го одразува и раѓањето на демократијата и слободата, но и ужасите на тиранијата и антисемитизмот“.
„Разбирањето на моментите на храброст и човечност, како и на бездната на диктатурата и уништувањето на човечкото достоинство, носи важни поуки за сегашноста“, се додава во соопштението.
Датумот 9 ноември има посебно место во колективната меморија на Германија.
Во 1918 година, абдикацијата на кајзерот Вилхелм Втори го отвори патот за прогласување на Републиката; во 1938 година, нацистичкиот режим организираше масовни напади врз Евреите, што го означи почетокот на систематското уништување и прогон; а во 1989 година, падот на Берлинскиот ѕид го означи крајот на поделбата на Германија и почетокот на повторното обединување.
ноември 9, 2025

