Култура
Повеќе настани во НУЦК во чест на композиторот Трајко Прокопиев
Националната установа Центар за култура Куманово денеска го одбележува патрониот празник посветен на македонскиот композитор, Трајко Прокопиев. По тој повод Центарот за култура организираше културни настани по повод патрониот празник на установата.
– Преку разновидна програма се обидуваме да ја одржиме живата врска меѓу традицијата и современото културно творештво, изјави директорот на установата, Сашо Тодоровски.
Во рамки на прославата месецов настапи ансамблот „Танец“, како и театарот од Винковци, Хрватска со куклена претстава за најмладите. Организирани беа и две ликовни изложби, една на уметникот Филип Цветковиќ од Србија и на Марјан Стојановски.
– Секогаш настојуваме во нашата програма да вклучиме и меѓународни соработки, бидејќи тие го збогатуваат локалниот културен живот и создаваат мостови меѓу уметниците од различни земји, додаде Тодоровски.
Во следниот период Центарот најавува две театарски премиери , една на македонска драма во режија на Јане Спасиќ, и друга на албанска драма во режија на Куштрим Бектеши. На 10 ноември во 17 часот, ќе бидат доделени наградите од литературниот конкурс за основни и средни училишта, организиран во соработка со СВР Куманово, по повод Денот на градот 11 Ноември. Во текот на месецот следуваат и традиционална изложба „Скици“ во изложбениот простор на установата, концерт на Билјана Камчева,пијано концерт на Маја Божиновска и Марко Христов и изложба на Мухамед Идризи, како дел од годишната програма.
Композиторот Трајко Прокопиев е роден на 6 ноември 1909 година во Куманово. Дипломирал на Музичката школа во Белград во 1934 година, а своето образование го продолжил на Прашкиот конзерваториум во периодот 1946–1947. Добитник е на бројни државни признанија, меѓу кои и награда за животно дело. Со своето петдецениско творештво, Прокопиев оставил длабок печат во македонската музичка култура. Автор е на познати хорски композиции како „Ленка“, „Кумановка“, „Илинденка“, „Свадбарска“, балетот „Лабин и Дојрана“, оперите „Разделба“ и „Кузман Капидан“, како и филмска музика за „Чорбаџи Теодос“, „Илинден 1903“, „Комитска легенда“ и други дела инспирирани од македонскиот фолклор.
– Делото на Трајко Прокопиев е втемелено во нашето културно наследство и секоја година се обидуваме да потсетиме дека неговиот придонес не е само локален, туку и европски по вредност, истакна Тодоровски.
Инаку, Центарот за култура започнува со работа како Дом на културата во 1981 година.Во наредните години се трансформира како Центар за култура , а во 2004 година станува правен субјект во кој е опфатен и театарот. Центарот за култура ќе продолжи во насока на освојување нови европски стандарди и ќе се труди дел од програмите и претставите од својата продукција да ги презентира и во странство. Наредната година ќе одбележи 45 години од постоењето.
ноември 7, 2025

