Connect with us

Култура

Отворен Фестивалот на современа македонска книжевност во Загреб

Во македонскиот КИЦ  во Загреб синоќа е отворен првиот Фестивал на современа македонска книжевност којшто КИЦ го  реализира во соработка со издавачка куќа „Македоника литера“. Како што соопшти КИЦ-Загреб, фестивалот го отвориле директорката на Центарот,  Мими Ѓоргоска Илиевска, амбасадорот во Хрватска, Драган Ѓурчевски, и сопственикот на „Македоника литера“, Нове Цветаноски. 

Ѓоргоска-Илиевска истакнала дека целта на Фестивалот е „да ја покаже важноста на книжевниот превод како уметнички и творечки чин и како поттик за книжевна размена и културен дијалог“.

-Фестивалот е осмислен како простор за разговор, соработка и нови инспирации на авторите, преведувачите, издавачите и читателите. Тој е отворена културна прилика да им оддадеме признание на оние кои ја создаваат книжевноста, на оние кои ја преведуваат и на оние кои ја читаат и ја сакаат, истакнала директорката на КИЦ-Загреб.

Пред голем број присутни на настанот, амбасадорот  Ѓурчевски ја нагласил важноста  на македонскиот КИЦ за културната македонско-хрватска соработка.

Директорот на издавачката куќа  „Македоника литера”  Цветаноски ги претставил изданијата од хрватски автори преведени на македонски јазик, а од името на хрватските автори се обратил Драго Гламузина, писател и уредник.

-Во присуство на авторите беа промовирани и хрватските изданија на книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски кои неодамна беа публикувани на хрватски јазик. На промоцијата покрај авторите  учествуваа и Дијана Бахтијари од издавачката куќа „Тим прес“, Томислав Ровичанац, преведувач, како и Жарко Милениќ, издавач и преведувач. Модератор на промоциите беше Владимир Илиевски. Книжевниот фестивал треба да придонесе за афирмација на совремната македоснка книжвност и за продлабочувањето на македонско-хрватските културни врски, посебно во полето на книжевноста, соопшти македонскиот КИЦ во Загреб. 

Во рамките на фестивалот, отворена е и изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, објавени од  „Македоника литера“, која досега има публикувано речиси  50 наслови од хрватската книжевност.

-На отворањето на првото издание на Фестивалот присуствуваа еминентни хрватски автори, преведувачи  и издавачи, истакнати претставници на македонските и хрватските институции и организации во Загреб, бројни загрепчани, Македонци кои живеат, работат или се школуваат во Загреб, студенти на Филозофскиот факултет во Загреб, како и претставници на државната и локалната самоуправа во Република Хрватска, наведува македонскиот КИЦ. 

Вториот ден од Фестивалот ќе продолжи со трибина „Хрватско-македонските културни врски низ призмата на книжевниот превод“ и промоции на изданија од академик Горан Калоѓера, проф. д-р Борјана Прошев Оливер и фототипното издание на „Бели мугри” од Кочо Рацин.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1