Connect with us

Општини

Охрид ја одбележува 81-годишнината од ослободувањето во Втората светска војна

Градот Охрид денеска на 7 Ноември ја одбележува 81-та годишнина од ослободувањето од фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна.

По повод празникот вчера во Големата сала на Центарот за култура се одржа Свечена академија „Охридска музичка антологија“ со што почнаа чествувањата на празникот.

Градоначалникот Кирил Пецаков пред присутните посочи на жртвата што големи луѓе ја понесоа за слободата што денес ја живееме.

– Чествувајќи го денешниот ден, како празник на нашиов Охрид, уште еднаш го исполнуваме аманетот со крв испишан од партизаните. Славејќи ја нивната жртва  за слободен  град , уште еднаш потврдуваме дека нашиот народ има сила да чекори кон вечноста…Тоа се мажите, жените, па дури и децата, кои со својот придонес ја поддржале македонската борба за права и еднаквост со останатите народи, со кои рамо до рамо се боревме во антифашистичката војна. Само синови и ќерки на Македонија можат да истраат тогаш кога е тешко. Само тие можат да дадат се од себе, бидејќи станува збор за нивните домови и семејства, за нивната земја, рече Пецаков.

На свеченоста обраќање се обрати и претседателот на охридскиот музички еснаф, Венко Пашоски по што следеше културно–уметничка програма. Актерот Жарко Спасовски изведе монолог „Гласот на борците“, а се одржа и концерт на охридскиот музички еснаф „Охридски музички времеплов“ со уметниците Ефто Пупиноски, Митко Колјушевски, Мишко Србиноски, Ристе Наумовски, Петар Трајановски, Милован Секулоски, Кирил Белистојановски, Владо Костоски, Игор Бежаноски…

Свеченостите со кои годинава Општина Охрид го одбележува Денот на ослободувањето продолжуваат денеска со одбележување на патрониот празник на ЈП „Охридски Комуналец”, положување свежо цвеќе пред спомен – обележјата од НОБ, „Оhrid fly festival“, одбележување на патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска”, како и Седмоноемвриски концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче”.

Поради најавените врнежи од Општина Охрид информираа дека се одложуваат настаните за промоција на албумот „Егрегор“ и концертот на Никола Стојковски и Тања Царовска што беше планирано да се одржат утревечер во предворјето на црката „Св. Софија“, како и музичко-сценскиот проект „Ехото на Охрид“ во ОСУ „Св. Климент Охридски“ што требаше да се одржи во сабота. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1