Култура
Фестивал на современата македонска книжевност во Загреб
Во Македонскиот културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб од денеска до 7 ноември ќе се одржи првото издание на Фестивалот на современата македонска книжевност, нов културен настан кој има за цел да ја афирмира македонската книжевна продукција и да ги продлабочи македонско-хрватските културни врски.
Фестивалот е дел од Годишната програма на КИЦ Загреб, реализиран во соработка со издавачката куќа „Македоника литера“ од Скопје, и е поддржан од Министерството за култура и туризам. Настанот ќе овозможи годишно претставување на македонски автори, издавачи и преводи, како и на хрватски автори застапени на македонски јазик.
На отворањето ќе биде поставена изложба на книги од хрватски автори преведени на македонски јазик, а ќе се промовираат и книгите „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски и „Чувар на тајната“ од Ранко Младеноски, објавени на хрватски јазик.
Во наредните денови ќе следуваат промоции на изданија како фототипното „Бели мугри“ од Кочо Рацин, книгата „Поглед отстрана. Рацин (1908–1943)“ од акад. Горан Калоѓера, расказите „Ви раскажував ли?“ од проф. д-р Борјана Прошев-Оливер, како и трибина на тема „Македонско-хрватските културни врски низ призмата на книжевниот превод“.
Фестивалот ќе заврши со средба со познатите хрватски писателки за деца Сања Пилиќ и Силвија Шесто, и претставување на нивните книги „За мајките сè најдобро“ и „Ванда“, преведени на македонски јазик.
Преку изложби, промоции, трибини и книжевни портрети, фестивалот ќе понуди платформа за дијалог и културна размена меѓу македонската и хрватската книжевна сцена.
ноември 6, 2025

