Култура
Драмски театар ја подготвува „Болва в уво“ во режија на Синиша Ефтимов, одржана првата проба
Во Драмски театар Скопје денеска се одржала прва проба на претставата „Болва в уво“ во режија на Синиша Ефтимов. Премиерата е планирана за втората половина на декември.
Драмски театар соопшти дека „Болва в уво“ на нивната сцена првпат е поставена на 24 март 1974 година и дека е „ амблематска претстава за Драмски, што публиката ја памети по една исклучителна генерација на актери, со вкупно 333 изведби“
Текстот „Болва в уво“ е напишан во 1907 година од францускиот драмски писател Жорж Фејдо (1862-1921) кој, посочува ДТС – „напишал 39 драмски текстови, а најголемите успеси ги достигнал во жанрот водвиљ.
-Неговите текстови поради безвременската актуелност, и сто години по неговата смрт, се изведуваат во голем број на театри низ светот, наведува Драмски во соопштението.
Директорот на ДТС Роберт Вељановски на денешната прва проба изразил задоволството што, точно по 51 година и 8 месеци, режисерот Синиша Ефтимов и актуелната генерација актери ќе ја имаат можноста да работат по текстот на „кралот на комедијата“ – Жорж Фејдо и „да дадат свој генерациски придонес во исчитувањето и креирањето на ликовите во оваа планетарно популарна претстава“.

Режисерот Синиша Ефтимов се заблагодарил за довербата да ја постави претставата „Болва в уво“ во Драмски театар и ги охрабрил актерите „да не бидат обременети од големите успеси на претставите што ги постигнувале и претходната генерација врвни актери на Драмски и театарските куќи низ целиот свет, туку да се обидат следејќи ги прецизните насоки на Фејдо да дадат свој креативен инпут во создавањето на ликовите“.
-Дејствието се одвива, тука и сега, но не баш во нашиот универзум. Светот е модерен и современ, но без геополитичките случувања и интернет-хистеријата која ја окупира димензијата на нашата реалност. Максимално технолошко достигнување во овој универзум е телефон со жица. Писма и пораки се сѐ уште најнормален начин на комуникација, што ни индицира дека информацијата патува доста споро, во споредба со нашите поимања на темата. Ова е една сосема розова реалност, каде што секој е среќен, со својата улога во општеството. Единствените возбуди и непријатности во нивните животи се, сепак, последица на базичните нагони на главните протагонисти, во секој од овие можни универзуми, се разбира, зборувам за нас, луѓето и нашите суети и ниски страсти, изјавил Ефтимов во врска со адаптацијата и режисерското исчитување на текстот „Болва в уво“.
Улогите во претставата им се доделени на актерите: Дениз Абдула, Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Златко Митрески, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ. Сценограф е Мартин Манев, костимограф – Раде Василев.
„Болва в уво“ петта и последна планирана претстава од Годишната програма за работа на Драмски театар-Скопје, поддржана од Министерството за култура и туризам.
ноември 6, 2025

