Connect with us

Општини

Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола

Мисија и визија во здравствениот систем на секоја држава се здравството и здравствените услуги да бидат што поблиску до граѓаните и тоа е наша заложба како Министерство за здравство, истакна министерот Азир Алиу за време на денешната посета на ЈЗУ Клиничка болница-Битола.

Во изјава за медиумите, министерот Алиу посочи дека во приоритетите на Министерството за здравство е и ЈЗУ Клинична болница-Битола.

-Еден од нашите приоритети е и Клиничкиот центар во Битола кој цениме дека има доволни можности за да инвестираме и да се подобри квалитетот на здравствените услуги. Интензивно работиме да инвестираме во инфраструктура и човечки ресурси. Заедно со Министерството за образование и наука подготвуваме нова Национална стратегија за креирање здравствен кадар за здравството и таа стратегија ќе ни даде јасна слика колку доктори, колку медицински и колку технички кадар ќе ни треба во иднина од аспект на формално образование. Од аспект на специјализации, ќе го намалиме времетраењето на специјализациите, а профилот на специјализанти ќе биде согласно потребите на здравствените институции, истакна министерот Алиу.

За време на посетата на ЈЗУ Клиничка болница, министерот за здравство беше информиран за потребните профили на лекари и за други барања на таа здравствена установа.

-Битола е регионален центар и затоа ќе инвестираме во инфраструктура, во нови технологии, едукација и обуки за здравствениот кадар. Јас сум задоволен од ентузијазмот што го гледам кај вработените и затоа на наредната средба ќе зборуваме за реализираните ветувања кои ќе произлезат од заеднички акциски документ. Во таа смисла, приоритет во Битола за нас е Центарот за онкологија и затоа ќе инвестираме во човечки ресурси и инфраструктура за да може сите потребни здравствени услуги да се нудат во Битола, нагласи министерот Алиу.

Според Ненси Лозанче, директорка на ЈЗУ Клиничка болница-Битола, за подобрување на состојбите во болницата е потребен подолг период затоа што во минатото не се вложувало во инфраструктура и човечки ресурси.

-Со заедничка соработка со Министерството за здравство и Владата, се надевам дека ќе успееме да ја подобриме состојбата во нашата болница. Правиме напори да ја подобриме состојбата со човечки ресурси. Како што е познато и објавивме вработувањето на млади лекари во блиска иднина нема да ја подобри состојбата бидејќи специјализациите се многу долги и ние како доктори ги немаме присутни во болницата. Затоа инициравме вработување на специјалисти кои дојдоа да работаат во ЈЗУ Клиничка болница-Битола напуштајќи приватно здравство, а имаме најава за доаѓање на еден хирург кој сака да работи кај нас. За да ги заинтересираме докторите потребно е да се вложи во болницата и да се набави нова опрема со што нивото кое го заслужува ЈЗУ Клиничка болница ќе биде подигнато за брзо време, изјави Лозанче.

Менаџментот на ЈЗУ Клиничка болница-Битола со обиколка низ повеќе одделенија во болницата директно го запозна министерот за здравство Азир Алиу со реалната слика во таа здравствена установа. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1