Скопје
Кисела Вода доби нов градоначалник: Бети Стаменковска- Трајкоска ја презеде функцијата од Орце Ѓорѓиевски
Во Општина Кисела Вода денеска се одржа примопредавањето на градоначалничката функција помеѓу досегашниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски и новоизбраната градоначалничка Бети Стаменковска -Трајкоска.
Двајцата градоначалници, како што информираат од Општина Кисела Вода, разговарале за тековните активности и идните приоритети на општината, нагласувајќи ја важноста на континуитетот, тимската работа и одговорното управување во интерес на граѓаните.
Досегашниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој по завршените избори беше избран за градоначалник на Град Скопје, ѝ честиташе на својата наследничка и ѝ посака успешна работа.
– Му благодарам на тимот во Општина Кисела Вода за посветеноста во изминативе години. Силно верувам во капацитетот на градоначалничката Стаменковска – Трајкоска и сум убеден дека започнатите проекти ќе продолжат со исто темпо, а општината ќе продолжи да расте и да се развива – истакнал Ѓорѓиевски.
Новата градоначалничка Бети Стаменковска – Трајкоска се заблагодарила за честитките и изразила почит кон постигнатото во изминатиот период. Таа најавила дека на почетокот од мандатот фокусот ќе го насочи кон динамично продолжување на веќе започнатите инфраструктурни и урбани проекти, како и кон нови иницијативи што ќе ја унапредат животната средина, младинските политики и поддршката за семејствата.
– Ќе продолжиме да работиме посветено, отчетно и со слух за граѓаните. Општина Кисела Вода ќе остане пример за организирана, современа и динамична локална самоуправа – истакнала градоначалничката Стаменковска -Трајкоска.
И двајцата градоначалници, кои доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, ја нагласиле важноста на соработката и стабилноста во локалното управување како предуслов за континуиран развој на општината.
Бети Стаменковска – Трајкоска го освои мандатот на локалните избори во 2025 година, победувајќи уште во првиот круг со 14.946 добиени гласови.
ноември 3, 2025

