Култура
Фотографскиот натпревар „Вики ја сака храната“
Википедија на македонски јазик и здружението Викимедија МКД по трет пат во земјава го организираат фотографскиот натпревар „Вики ја сака храната“, повик за фотографирање традиционални јадења и специјалитети од Македонија, и за различни видови храна, специјалитети и оброци од целиот свет. Сите фотографии мора да бидат прикачени за време на одржување на натпреварот, од 1 ноември до 30 ноември 2025 година.
Kако што информираат за МИА од здружението Викимедија МКД, право на учество имаат сите што ќе регистрираат (бесплатна) корисничка сметка на Википедија на македонски јазик или на Заедничка Ризница (Wikimedia Commons).
Инаку целта на овој натпревар е да се соберат фотографии од различни видови јадења, специјалитети и воопшто храна од целиот свет. Тие појаснуваат дека сите фотографии кои ќе бидат дел од натпреварот, ќе бидат искористени во статиите за самите јадења и специјалитети на Википедија на македонски јазик
Воедно најуспешните учесници според оценката на стручно жири ќе бидат наградени со ваучери од Pix+. Фотографскиот натпревар предвидува три награди по бројност на фотографирани различни видови храна, традиционални јадења и специјалитети. Наградите се во вид на ваучери во износ од 400, 300 и 100 евра. Како посебна награда е предвидена и наградата за највисоко оценета фотографија, каде се предвидува ваучер во денарска противвредност во бруто-износ од 200 евра.
За заинтересираните формуларот за пријавување е https://docs.google.com/forms/d/e/1FAIpQLScCDHhleqtSl03f2ufgXL9xbGjfd-iZXS2qPCX4khiwj1HEeg/viewform
„Вики ја сака храната“ или Wiki Loves Food првпат e организиран во 2015 година од страна на Википедија Индија, локален огранок на Фондацијата Викимедија.
ноември 1, 2025

