Општини
Во Дебар ВМРО-ДПМНЕ со поддршка на кандидатот на ВРЕДИ, СДСМ и НАИ оставаат на граѓаните да гласаат по сопствено убедување
На нецели два дена од вториот круг на гласање за градоначалник на Дебар, политичките субјекти, ги кажаа своите ставови околу тоа, кој кого ќе поддржи од двајцата кандидати, Фисик Меља од ВРЕДИ и Рамадан Имери, независен кандидат.
-Ние како партија и коалицијата, не го менуваме претходниот став. И во вториот круг го поддржуваме кандидатот на ВРЕДИ, Фисник Меља. Ги повикуваме граѓаните на масовна излезност и посакуваме и овој изборен ден да мине во демократска атмосфера, рече Алмедин Шаиноски, претседател на Општинскот комитет на ВМРО-ДПМНЕ-Дебар.
Коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ), чиј кандидат не влезе во вториот круг, остава граѓаните да гласаат по сопствено убедување, со порака да го изберат најдоброто за Дебар.
-До нашите сограѓани упатуваме порака во недела да бидеме зад параванот само со гласачкото ливче – подалеку од притисоците и искушенијата на моментот. Да го избереме најдоброто за Дебар, за почист град, со потребната инфраструктура, за град со побогати културни активности. Да гласаме за генерациите што доаѓаат по нас. Да го претвориме овој ден во ден на прослава на демократијата, без ароганција и со почит кон оние што мислат за иднината, порачуваат од НАИ.
Претседателот на Општинската организација на СДСМ, Мухарем Имероски, изјави дека нивниот став од првиот круг останува идентичен-граѓаните по сопствена волја и убедување да го дадат гласот, за оној кандидат кој сметаат дека ќе биде најдоброто решение за општината.
Во оваа општина на втори ноември граѓаните ќе гласаат за еден од двајцата кандидати, Фисник Меља, од ВРЕДИ, кој на 19 октомври доби 3.227 гласови и Рамадан Имери, независен кандидат кој освои 2532 гласа.
Од вкупно запишаните 19763 лица, во единствениот избрачки список, на гласање изглегоа 8052 или 40,72 отсто.
октомври 31, 2025

