Култура
Свечено отворен 22 Интернационален фестивал на античка драма „Стоби 2025“
 
																								
												
												
											Со претставата „Агаменон кругот на крвта“ на La MaMa Theatre New York и Titania Produktions од Атина, синоќа на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ свечено беше отворено овогодинешното 22. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби 2025“. Претставата по концепт, адаптација режија и изведба на Рафика Чавише беше наградена со долг аплауз од публиката.
Вечерва во 20 часот на втората фестивалска вечер со претставата „Калигула“ ќе се претстави Кумановскиот театар по текст од Алберт Ками во режија на Ѓорѓи Ризески, драматург е Сашо Костовски, сценограф Мартин Манев а композитор Алмир Бајрамоски.
Во главната улога на Калигула настапува Марко Трајковиќ, на Еликон Илин Јовановски, во улогата Цезонија настапуваат Александра Михајловска и Владанка Крстевски. Хереа е Кети Дончевса Илиќ,а Сципион Давид Илиќ.

Според програмата утревечер ќе биде изведена театарско – музичката претстава „Нешто големо“ на AccademiaMediterrenea Dell’Аттоre од Италија.
Фестивалот потоа ќе продолжи на 4 ноември со претставата „Ифигенија за ништо“ по адаптација,текст и режија на Филип Петковски, а во изведба на актерите од Драмскиот театар во Скопје .Фестивалот завршува на 5 ноември идната среда со преставата „Лекција“ продукција Моушн Нетворк копродукција НУЦК „Ацо Шопов“ Театар Штип а потоа ќе бидат врачени и наградите на фестовалот,а за кои ќе одлучува жири комисијата во состав: Фаик Мефаилоски, Јордан Витанов и Кристина Атанасова Арсова.
Жарко Спасовски директор на велешкиот Театар и организатор, во информацијата за МИА, потенцира дека имаат голема чест еден голем театар како La MaMa Theatre New York Titania Produktions од Атина што гостува во Велес.
– Треба да сме среќни што сме донеле такви имиња,публиката тоа го препозна и впечатоците им беа убави и тоа се гледаше на нивните лица. Се надевам дека секоја наредна вечер публиката се’ повеќе и повеќе ќе ужива во претставите, најави Спасовски.
На новинарско прашање дали има шанса Фестилот да се врати на сцената во античкиот театар во Стоби каде што беше првично реализиран, Спасовски потенцира дека секој велешанец и посетител од каде и да е овој фестивал како што е и насловен го сака да го гледа во археолошкиот локалитет Стоби.
-Изминатите години поради небезбедната состојба со гледилиштето во театарот во Стоби тој беше префрлен во Театарот во Велес.Сите ние знаеме дека магијата на Интернационалниот фестивал на античка драма е во локалитетот Стоби, потенцира Спасовски.
Тој очекува и искрено се надева догодина фестивалот да се врати во Стоби.
Инаку годинава ИФАД „Стоби 2025“ со 800 илјади денари го финансира Министерството за култура и туризам, а со 500 илјади денари Општина Велес.
Тој очекува догодина по примерот на Балканските фестивали и ИФАД „Стоби“ да има поглем буџет, а со тоа да расте и квалитетот на фестивалот со поголем број на претстави.
Воедно најави дека ако успеат да го вратат ИФАД „Стоби“ во локалитетот Стоби велешкиот Театар како порано повторно на радост на публиката, фестивалот ќе го отвори со нивна премиера.
октомври 31, 2025
 
											 
											 
											 
								 
								

 
								 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										