Општини
Ќура обвини за притисоци во администрацијата и напад на вработен во училиште
Независниот кандидат за градоначалник на Општина Струга Менди Ќура денеска на прес-конференција обвини дека активист на Алијанса за Албанците физички нападнал вработен во училиштето во селото Радолишта.
Според него, во истото училиште, претходно вработените добиле директни пораки од директорот Шефи Ценка, кој им наредил да присуствуваат на митинзите организирани од Националната алијанса за Албанците.
„Ова претставува отворена злоупотреба на службена должност, каде што јавните службеници се користат како политички инструмент. Овој случај е само врв на притисоци, закани и уцените. Во последните денови граѓаните на Струга се соочија и со други одвратни појави. Сам Зијадин Села им испраќаше навредливи понижувачки пораки на граѓаните“, обвини Ќура.
Тој посочи дека лица од Алијанса за Албанците на социјалните мрежи јавно нападнале девојки и млади што учествувале во неговата кампања, а биле заплашувани и линчувани и новинари и медиуми.
Доколку ја добие довербата од граѓаните Ќура вети дека како градоначалник нема да се занимава со вработените во администрацијата, но оти ќе има одговорност за директорите кои ги злоупотребувале за лични и партиски интереси.
„На 2 ноември, ќе му ставиме крај на политизирањето на јавните институции. Ги повикувам сите граѓани, директори, управители, институции, да се мирни овие денови, затоа што нашата кампања беше јасна, да се движиме во мирот, да правиме мирна и цивилизирана кампања“, изјави Ќура.
октомври 31, 2025

