Општини
Адријана Илиевска-Велковски назначена за заменичка на градоначалникот на Делчево
 
																								
												
												
											Градоначалникот на Општина Делчево Иван Гоцевски ја назначи Адријана Илиевска-Велковски, член на Советот на Општина Делчево, за заменичка на градоначалникот.
Според одлуката, Илиевска-Велковски ќе го заменува градоначалникот во случај на спреченост или отсуство подолго од шест месеци, како и во сите други случаи предвидени со закон. Во согласност со законските одредби, за времето додека ја извршува оваа функција, ѝ мирува мандатот како член на Советот.
Адријана Илиевска-Велковски е специјалист по рентгенологија (рендгенологија) и докажан професионалец во својата област, како и член на новоизбраниот Совет на Општина Делчево.
На средбата по повод назначувањето, градоначалникот Гоцевски го потенцираше значењето што Делчево првпат добива жена на оваа функција.
– Тоа има важно симболично, општествено и практично значење во контекст на еднаквите можности и родовата еднаквост. Тоа е чекор кон праведно општество, рамноправна демократија и современа локална власт. Испраќаме силна порака дека и мажите и жените имаат еднаква улога и одговорност во креирањето и спроведувањето на локалните развојни процеси. Општината продолжува да создава услови за инклузивно, современо и демократско општество, каде стручноста и компетентноста се клучни критериуми за јавна функција, изјави Гоцевски.
Тој додаде дека од Илиевска-Велковски очекува максимална посветеност, одговорност и работа во интерес на граѓаните на Делчево.
октомври 31, 2025
 
											 
											 
											 
								 
								

 
								 
										 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										 
									 
										