Connect with us

Општини

Во Делчево се одржа примопредавање на градоначалничката функција

Во просториите на Општина Делчево се одржа официјалното примопредавање на градоначалничката функција помеѓу досегашниот градоначалник Горан Трајковски и новоизбраниот градоначалник Иван Гоцевски.

Примопредавањето се одржа во достоинствена атмосфера во која се разговараше за актуелните и идните проекти, а двајцата градоначалници го потврдија значењето на континуитетот, одговорноста и посветеноста во служба на граѓаните. При тоа беа потпишани записниците за примопредавање, со што новиот градоначалник официјално ја презеде функцијата и одговорноста за раководење со Општината.

Досегашниот градоначалник Трајковски му посака успешна работа на новиот градоначалник Гоцевски, изразувајќи благодарност за соработката со општинската администрација во изминатиот период.

-Сакам јавно да му честитам на новоизбраниот градоначалник и на новиот состав на Советот и им посакувам успешна работа и реализација на многу проекти кои ќе значат развој на Делчево, со што ќе остават свој белег на градот, изјави Трајковски.

Новиот градоначалник Иван Гоцевски изрази благодарност за досегашниот ангажман на Трајковски, како и за големата поддршка и доверба од граѓаните, најавувајќи напорна работа, отчетност и максимално вложување во интерес на Делчево.

– Функцијата градоначалник бара многу одговорност, моралност и етичност во работата, но и експедитивност во решавањето на приоритетите на граѓаните. Како што изјавував и во кампањата, јас како човек од народот ќе бидам постојано на терен – со сите граѓани, од Разловци, преку Делчево, до Бигла и Илиово. Секојдневно ќе бидам во тек со потребите на сите граѓани и со отворен и искрен пристап ќе работиме заедно за Делчево да биде урбана средина во која живеат среќни луѓе. На почетокот најавувам дека ќе ја отвориме Општината за сите, ќе ревидираме сè, ќе ги дозавршиме започнатите проекти, а паралелно ќе создаваме нови – согласно програмата. Продолжуваме со градежните работи за регулација на коритото на реката Габровчица и најавувам изградба на два кружни тека на транзитниот булевар,“ нагласи Гоцевски.

По примопредавањето, градоначалникот Гоцевски оствари средба со вработените во Општина Делчево, при што им се заблагодари за нивната досегашна посветеност и ја истакна потребата од заедничка и успешна соработка во иднина.

На средбата, Гоцевски му врачи благодарница на еден од најдобрите работници во ЈКП „Брегалница“, Горан Узунски, за неговата посветена работа, а воедно најави дека својата прва градоначалничка плата ќе ја донира токму на работникот Узунски.

На Локалните избори 2025 година, кандидатот на Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Гоцевски, победи во првиот изборен круг со освоени 5.187 гласа, наспроти кандидатот на Коалицијата на СДСМ, Дејан Глинџарски, кој освои 1.765 гласа. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3
Маркетинг